СКОПЈЕ (АА) - Загрижувачки е што бројката на бездомници во Скопје се зголемува, а со тоа се зголемуваат проблемите и потребите за нивно згрижување, сместување и интегрирање во општеството. Ова е заклучокот од денешниот настан организиран во Пунктот за бездомници во скопски Момин Поток, со што беше одбележан 10 Октомври - Светскиот ден на бездомниците, јавува Anadolu Agency (AA).
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска, во изјавата за медиумите истакна дека со денешниот настан сакаат да ја информираат јавноста за проблемите на бездомните лица, и да ја подигнат свеста на граѓаните, институциите и компаниите за поддршка на оваа ранлива група.
„Нешто што посебно загрижува е дека бројката на овие лица се зголемува. Не знам дали се зголемува од аспект што имаме зголемен број бездомници или тоа се лица „скриени бездомници“ коишто не се појавиле досега. Само до пред две недели бројката на лица коишто на дневна основа го посетуваа пунктот изнесуваше некаде од 48 до 55 лица, а последните две неделели имаме бројка зголемена на 65. Најверојатно се работи за ромска полулација и семејства без дом“, вели Тунева-Пауновска.

Таа додаде дека Црвениот крст на Град Скопје ќе започне иницијатива со Министерството за труд и социјална работа на Република Македонија, за да се најде начин за надминување на проблемот на овие лица.
Тунева-Пауновска нформираше дека Пунктот за бездомници во Момин Поток работи два пати неделно. Според нејзините зборови, на територијата на Скопје 180 лица се во базата на податоци на Црвениот крст на Град Скопје, коишто се корисници на услугите на овој пункт.
„Во текот на неделата имаат можност да дојдат, имаат контакт со лекар, психолог, социјален работник, добивааат лекови, облека, хигиена на телото и секако, најважно од сè е што работиме многу на нивната интеграција“, додава Тунева-Пауновска.
Меѓу другото, таа информираше дека во текот на 2019 година Црвениот крст ќе се потруди да направи дополнителна надградба на пунктот со изградба на трпезарија и посебна просторија каде што ќе работат на индвидуалната психо-социјална поддршка. Како што рече таа, искуствата покажуваат дека индивидуалното работење со бездомниците дава успех, а веќе 10 од нив успеале да се вработат и да се вратат во нормалниот тек на живеење.
Најчестите причини, според секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, поради кои овие лица станале бездомници е пропаѓање на бизниси, нерешени семејни односи, алкохолизам, психички проблеми, депресии и разни нервни растројства.
„Просечната старост на бездомните лица кои го посетуваат пунктот се движи во интервал од 40 до 55 години, а има и малолетни деца“, велат од Црвениот крст на Град Скопје.
Иван Илиоски е бездомник од Скопје. Во разговор со медиумите вели дека боледува од астма, а дека веќе 10 години доаѓа во Пунктот за бездомници. За него посебен проблем претставува зимскиот период кога времето е студено, бидејќи тоа го отежнува неговиот живот, а засолниште во тие денови бара во Пунктот за бездомници.
Таир Даут, 59-годишен скопјанец, вели дека речиси 5 години е бездомник. Споделувајќи ја неговата животна приказна со медиумите, објаснува дека бил бизнисмен со електроматеријали, но поради пороците, пред сè коцката, тој станал бездомник.
Апелира до младите да се однесуваат одговорно и да не посегнуваат по пороци, за да не им се случи „домот да го заменат со улица“.
Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на бездомништвото денеска во пунктот Момин Поток за бездомниците беше обезбеден ручек, како и помош во чевли за 70 бездомни лица што редовно ги користат неговите услуги.
news_share_descriptionsubscription_contact
