Seyyid Emin, Furkan Abdula
30 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Здружението за култура, уметност и образование „Ќопру“ („Мост“) од Скопје, со поддршка на Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB), се одржа отворањето на проектот „Академија мост“, јавува Anadolu Agency (AA).
Отворањето на проектот наменет за универзитетски и магистерски студенти, се одржа на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ).
На оваа програма учествуваа координаторот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Скопје, Ајтекин Ајден, претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, проф. д-р Сулејман Баки, професор на Тетовскиот универзитет, како и бројни студенти.
Потпретседателот на Здружението „Ќопру“, Мехмед Ариф, рече дека пилот-програмата на овој проект ја реализирале пред три години, во чии рамки имале само активност за читање статии.
„Во исто време ќе нудиме збогатен проект со читање книги, организирање семинари, културни екскурзии, како и со образовни кампањи“, рече тој.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Емин, нагласи дека овој проект ќе им овозможи искуство на учесниците во нивната идна кариера, и упати благодарност до YTB и ИБУ за дадениот придонес во реализирањето на проектот.
„Со овој проект сакаме да ги зајакнеме материјалните и духовните вредности, да стекнеме пријатели, да се информираме едни со други во различни области и да ја подигнеме свеста кај младите со читање книги и семинари“, истакна Емин.
Координаторот на ТИКА, Ајден, рече дека ТИКА од 2005 година во Северна Македонија реализирала над 900 проекти.
Според него, овој проект ќе биде во корист на развојот на младите. „Оваа активност ја започнувате како студенти, со цел ваш личен развој и постигнување успех“, додаде тој.
Во рамки на оваа програма беше прикажано промотивното видео на „Академија мост“.
„Академија мост“ започна со семинарот на проф. д-р Сулејман Баки, насловен „Исламската цивилизација на Балканот“.
Целта на овој проект е давање придонес во духовниот и интелектуалниот развој на младите Турци во Скопје, како и зајакнување на нивниот контакт со Турција. Во оваа програма учествуваат 40 универзитетски и магистерски студенти, а таа ќе трае шест месеци.