Shpetim Hiseni
08 Јули 2026•Ажурирано: 08 Јули 2026
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, на 36. Самит на НАТО во Анкара истакна дека единството, солидарноста и заедничката одговорност на сојузниците се клучни за справување со глобалните безбедносни предизвици, нагласувајќи дека Северна Македонија останува посветен и кредибилен сојузник кој активно придонесува кон безбедноста на Алијансата, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова денеска се обрати на 36. Самит на НАТО, што се одржа во Анкара.
Таа истакна дека шефовите на држави и влади на Самитот испратиле силна порака за единство, солидарност и заедничка одговорност на сојузниците во справување со глобалните безбедносни предизвици.
Според неа, земјите членки покажале јасна подготвеност да го преземат својот дел од товарот во обезбедувањето на заедничката безбедност преку јакнење на сопствените одбранбени способности и зголемување на инвестициите во одбраната.
Претседателката посочи дека македонската држава останува посветен и кредибилен сојузник, којшто активно придонесува кон безбедноста на Алијансата и продолжува со унапредување на своите одбранбени капацитети.
Осврнувајќи се на европската перспектива на Западен Балкан поврзано со регионалната стабилност, Сиљановска-Давкова укажа дека принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност, кои се манифестираат во рамките на НАТО, треба доследно да се применуваат и во процесот на европската интеграција. Според неа, обединета Европа не може да биде целосна без интеграција на регионот и крајно време е по 13 години да се откочи процесот на прием на нови членки.
Таа оцени дека кохезијата меѓу сојузниците останува најсилната гаранција за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста, додавајќи дека мирот, дијалогот и почитувањето на меѓународното право се темелните предуслови за траен демократски развој.
Според претседателката, мотото „Посилна Европа, посилно НАТО“ ја добива својата целосна смисла само доколку се темели врз единство, демократија и мир.