Shpetim Hiseni
12 Март 2026•Ажурирај: 13 Март 2026
СКОПЈЕ (АА) - Доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Приштина слета третиот авион со патници кои беа успешно евакуирани од земјите од Блискиот Исток, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, станува збор за патници од Катар, Кувајт, Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин, кои кризниот регион го напуштија од Меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, до каде што беа транспортирани по копнен пат со организиран превоз.
На аеродромот во Приштина патниците ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.
Во авионот имаше 151 патник, од кои 109 македонски државјани и 42 странски државјани, меѓу кои 12 државјани на Босна и Херцеговина, 11 државјани на Албанија, 9 државјани на Косово, 4 државјани на Црна Гора, 3 државјани на Грција, 2 државјани на САД и 1 државјанин на Индонезија.
Најголемиот дел од патниците се евакуирани од Катар, потоа од Кувајт, како и од Саудиска Арабија и Бахреин.
Како што се соопштува, и овој лет беше целосно организиран и реализиран од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, во координација со надлежните институции.