Admir Fazlagic
22 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение за согласност за распишување меѓународна потерница од страна на Министерството за внатрешни работи за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заради интерес на медиумите во однос меѓунардоната потерница за обвинетиот С.М., ја информираме јавноста дека од страна на надлежното Министерство за внатрешни работи до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, предпладнево е поднесено барање за согласност од судот за распишување меѓународна потерница за обвинетиот на кој во текот на вчерашниот ден му беше определена мерка куќен притвор со 24 часовен надзор по негово пронаоѓање односно лишување од слобода. Кривичниот совет веднаш по приемот на барањето има донесено решени за согласност за распишување меѓународна потерница од страна на МВР и истото е доставено до барателот", соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Министерството за внатрешни работи на својата официјална интернет страница претходно објави национална потрерница за Сашо Мијалков.
Претходно денеска, премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање да ја прокоментира ситуацијата во врска со тврдењата за бегство на Мијалков, Заев рече дека народот бара и очекува правда.
„Се случи уште едно бегство. Секако, јавноста е информирана дека синоќа судот донел мерка за изречување притвор на Сашо Мијалков, којшто се очекува да биде осуден во пресуда согласно предметот „Таргет-Тврдина“ до крајот на оваа недела.“, рече Заев и додаде дека очекува детални информации од надлежните институции од извршната власт, односно од Министерството за внатрешни работи.
Во врска со бегството на Мијалков реагираше и претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски. Тој во објавена писмена реакција ги повика сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за притворот на Мијалков.
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, стои во соопшението од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Од вчера е започната потрага по поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“. Пресудата треба да биде изречена до крајот на оваа недела.
- Сучај „Таргет Тврдина"
Мијалков е првообвинет меѓу 12-те лица обвинети во предметот „Таргет-Тврдина“.
Во предметот се обвинети и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Како што стои во обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.