Shpetim Hiseni
15 Февруари 2024•Ажурирај: 16 Февруари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Јован Митрески, ги распиша изборите за претседател на Република Северна Македонија и за пратеници во законодавниот дом, што ќе се одржат на 24 април и на 8 мај, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, по потпишувањето на решенијата за распишување на претседателските и на парламентарните избори, согласно со рокoвите предвидени со Уставот, претседателот Митрески изјави дека, во изборниот период што претстои, очекува сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти да дадат свој придонес за фер и демократски процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија.
„Република Северна Македонија, во последните изборни циклуси, покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи. Изминатите изборни циклуси воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме, но никако не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата“, рече Митрески.
Според решенијата што ги потпиша Митрески, првиот круг од седмите избори за претседател на Северна Македонија ќе се одржи на 24 април 2024 година (среда), а вториот круг гласање ќе биде по две седмици, односно на 8 мај.
На истиот датум со вториот круг претседателски избори (8 мај) ќе се одржат и 11. парламентарни избори во земјава.
Според член 63 од Уставот на Северна Македонија, избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието.
Членот 81 од Уставот, пак, предвидува дека изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.
Роковите за спроведување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавување на Решението за распишување на изборите во „Службен весник“.