Dejan Maksimovic
29 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
ЗАГРЕБ
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, по силниот земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, што околу 12:20 часот ја погоди Хрватска, стигна во Петриња, за да на самото место се увери во размерите од штетата што ја предизвика земјотресот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хрватскиот премиер потврди дека градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, го известил дека загинало девојче.
„Имаме информација дека загина едно девојче, за тоа добивме информација од градоначалникот. Засега, други информации за евентуални жртви немаме, но мислам дека тоа во овој момент никој со сигурност не може да го каже“, рече Пленковиќ за хрватските медиуми.
Тој истакна дека во Петриња дошле сите служби за спасување, за да помогнат во расчистување на урнатините и во потрагата по луѓето под урнатините.
„Сите се тука. За среќа, Војската е тука. Доаѓаат од Загреб итните служби, полицијата, цивилната заштита, пожарникарите, ХГСС ќе дојде од Сплит, отидоа по нив воени хеликоптери, така што сите ќе ги активираме. Ќе мораме да најдеме алтернативно сместување. Ќе дојдат контејнери, дел од луѓето ќе мораме да ги тргнеме од Петриња бидејќи тука не е сигурно да се биде. Тоа сега е јасно како ден“, истакна хрватскиот премиер.
Пленковиќ појасни дека веднаш откако дознал што се случило тргнал за Петриња, но и дека Владата ги упатила сите итни служби во тој хрватски град.
„Жал ни е. Ова е навистина трагедија“, заклучи Пленковиќ.
Откако околу 12:20 часот е регистриран земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, 46 километри југоисточно од Загреб, сеизмолозите во период од еден час регистрираа четири помали потреси со магнитуда од три до 4,5 степени.