Furkan Abdula
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Тетово ја посети опожарената модуларна болница наменета за лекување на пациенти заразени со Ковид-19, каде што во синоќешниот пожар загинаа 14 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, Пендаровски бил информиран за првичните сознанија поврзани со трагичниот настан.
Пендаровски нагласи дека дошол да изрази солидарност со граѓаните на Тетово и најмногу со оние кои ги изгубија своите најблиски и да поразговара на самото место на настанот со надлежните.
„Надлежниот јавен обвинител ме информира дека за еден до два часа и формално ќе го завршат увидот, кој трае веќе втор ден, и дека во најбрз можен рок ќе излезат со нивниот извештај. Процедурата е: тие даваат наредби до другите надлежни институции, од обдукција до Министерството за внатрешни работи. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност. По добивањето на тие одделни извештаи, ќе излезе тој со свој збирен извештај, во кој ќе се види прво што е причината за пожарот, и второ, дали зад тоа евентуално има некаква човечка грешка“, рече Пендаровски.
Тој укажа на последната одлука на Владата на Северна Македонија да прогласи тридневна жалост на територијата на целата земја и да повика и странска експертиза да помогне за вакви специфични настани и специфични пожари.

„Од сето она што го чув и од одговорниот во противпожарната екипа, за само неколку минути изгорел целиот објект, што е само по себе основа за анализа. Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Ние имаме доволно стручни кадри во сиве овие институции кои се инволвирани во оваа, да ја наречам, повеќеслојна истрага. Јас не се сомневам дека за кратко време ќе ја знаеме вистинската причина“, истакна тој.
„Она што сакам јавно да го кажам – до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав, на пример, со претседателот на Словенија, Пахор, кој ме праша истото, бидејќи има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека има поврзаност со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа – до овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно, со цел да се постигне некаква друга, политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент, и се разбира, тоа ќе ви го каже денеска или наредните денови надлежниот јавен обвинител“, изјави Пендаровски.
На новинарско прашање дали ќе побара оставка од некого, Пендаровски истакна дека секогаш инсистира на одговорност, политичка или морална, и изјави дека мора да се почекаат наодите на истрагата. Расветлувањето на ваквите случаи, според претседателот Пендаровски, е тест преку кој треба да потврдиме дали навистина ја заслужуваме независноста на државата.
Пендаровски пред модуларната болница во Тетово за трагичниот настан разговараше со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, потполковник Изеир Ејупи, командант на Третиот пешадиски баталјон, со директорот на болницата, Флорим Бесими и со командирот на противпожарната единица, Ука Алити, при што беше лично информиран за синоќешните случувања.