Furkan Abdula
08 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Куќа стара 150 години од османлискиот период во Скопје, главниот град на Северна Македонија, чека да биде обновена поради оштетувањата, занемарувањето и неупотребата долги години и да ја врати својата поранешна слава, пишува Агенција Анадолија (АА).
Куќата, за која се верува дека е изградена во 1870-тите или 1880-тите години, во подрачјето на Гази Баба во Скопје се наоѓа во близина на теќето Руфаи.
Куќата која беше оштетена во земјотресот со јачина од 6,1 степен што го погоди Скопје во 1963 година, и предизвика смрт на повеќе од 1.000 луѓе, успеа да опстане до денес, и покрај разорниот земјотрес.
Подот, таванот, вратите, прозорците и скалилата на куќата се дрвени, а ѕидовите се украсени со цветни мотиви.
Оваа историска османлиска куќа, која има и балкон во средината на вториот кат, е во неупотреблива состојба поради занемарување.
Сопствениците упатуваат повик до Турција да ја обнови куќа.
- Јахја Кемал Бејатли земал часови во оваа куќа -
Иако е наведено дека Шејх Садедин Сари Ефенди, кој служел во теќето Руфаи во тоа време, живеел во оваа куќа, се верува дека и поетот Јахја Кемал Бејатли од Скопје земал часови од Шејх Садедин Сари Ефенди во оваа куќа кога започнал да се интересира за поезија.
Куќата има два ката, а на десниот и левиот дел во времето кога била изградена, имало соби. Поради различни причини, десната страна на куќата била продадена и на нејзино место е изградена нова градба.
Во изјава за АА, еден од сопствениците на куќата, Адил Сулејман, истакнувајќи дека денес се изведуваат одредени градби на местото пред историската куќа, рече: „Тука било празно. Оваа куќа била целосно поврзана со теќето. Според некои гласини, познатиот скопски поет Јахја Кемал Бејатли тука земал часови кога имал 4-5 години.“
Наведувајќи дека неговиот дедо ја купил оваа куќа од други луѓе во 1935 година, Сулејман рече дека нема информации за тоа каква архитектура има куќата.
Потсетувајќи дека куќата го преживеала земјотресот во 1963 година, Сулејман нагласи дека дел од куќата била продадена на различни лица од братот на неговиот дедо кој емигрирал во Турција во 1956 година.
Подвлекувајќи дека сакаат да испратат порака до Турција за да се реставрира куќата, Сулејман рече: „Немаме средства да ја обновиме. Добро е да може Националната установа за заштита на спомениците на културата на Северна Македонија да ја обнови куќата, но нема можност. Досега останала во оваа состојба.“
- За време на Втората светска војна, Германците ја користеле како седиште -
Друг сопственик на куќата, Исмаил Сулејман, наведе дека куќата ја купил неговиот дедо (таткото на неговата мајка) за два ќупа со злато.
„Има многу спомени во оваа куќа“, истакна Сулејман, додавајќи дека се обидел со свои средства да поправи дел од оштетувањата во куќата.
Наведувајќи дека оваа куќа била користена и како полициска станица од Германците откако тие влегле во овие региони за време на Втората светска војна, Сулејман рече: „Кога Германците влегоа [во овие региони] во 1941 година, тие ја зедоа земјата на мојот дедо. Германците го направија ова како свое седиште. Ова го слушнав од мајка ми. Дедо ми не зборуваше многу.“
Тој сподели спомен за земјотресот што се случил во Скопје во 1963 година: „Според она што го кажа мајка ми, јас сум спиел во оваа соба со неа. Кога се случил земјотресот, дедо ми се качил горе. Во едната рака ме зел мене, а во другата мајка ми и нѐ симнал долу. Не се сеќавам затоа што сум имал 2 години. [Куќата] не била уништена во земјотресот. Имало само пукнатини.“
Повикувајќи ја Турција, особено ТИКА, да се обнови куќата, Сулејман рече: „Ако ја реставрираат, можат да ја користат како музеј. Имам дозвола. [Куќата] да не се уништи.“