Балкан

Одржана церемонија на циркумцизија на 250 деца во Северна Македонија

Општина Бурса, во соработка со општина Чаир и хуманитарната организација „Ел Хилал“, организираше церемонија на циркумцизија (обрежување) на 250 деца на скопското Кале.

Dzihat Aliju  | 19.08.2022 - Обновена : 22.08.2022
Одржана церемонија на циркумцизија на 250 деца во Северна Македонија Фото: Џихад Алију / АА

СКОПЈЕ (АА) - Церемонија на масовна циркумцизија (обрежување) се одржа во Скопје, известува Агенција Анадолија (АА).

Општина Бурса, во соработка со општина Чаир и хуманитарната организација „Ел Хилал“, организираше церемонија на циркумцизија на 250 деца на скопското Кале.

На церемонијата која започна со рецитирање стихови од Куранот, присуствуваа Шабан Фетхи Јилдиз, заменик-градоначалникот на општина Бурса, Фарук Невзади, секретар на општина Чаир, Бехиџудин Шехаби, претседател на хуманитарната организација „Ел Хилал“, претставници на различни институции и организации, деца на кои им се направи циркумцизија и нивните семејства.

Јилдиз, заменик-градоначалникот на општина Бурса, во својот говор ги поздрави присутните во името на Алинур Акташ, градоначалникот на Бурса, град кој се смета за културна престолнина на турскиот свет и најубав град на сите времиња.

„Како општина Бурса, нашите врати и срца се секогаш отворени за вас“, рече Јилдиз и додаде дека се горди и почестени што со културните активности што ги спроведуваа во регионот и со реставраторските работи, се сведоци на една историја.

Јилдиз на церемонијата им се заблагодари на сите кои ја поддржаа циркумцизијата на 250 деца кон нивниот прв чекор кон машкоста и додаде „Ние сме со вас. И како општина Бурса и заедно со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ние сме секогаш со вас“.

Бехиџудин Шехаби, претседател на хуманитарната организација „Ел Хилал“, рече дека се огромни димензиите на оваа церемонија на која се фокусирани без прекин веќе 17 години.

Заблагодарувајќи се за поддршката на општина Бурса, Шехаби истакна дека оваа година е спроведена циркумцизијата на 250 деца од различни градови во земјата.

„Се разбира дека оваа активност за децата има голема социјална димензија. Сепак, облеката што ја носат има важен придонес за заживувањето на нашите традиции, обичаи и веселби“, истакна Шехаби.

Фарук Невзади, секретар на општина Чаир, изрази задоволство што е дел од овој настан и што го поддржуваат како општина.

Истакнувајќи дека ќе продолжат да го поддржуваат овој проект и во иднина, Невзади продолжи со зборовите: „Со години соработуваме со градот Бурса. Им посакуваме добредојде. Овој настан е мултидимензионален настан, како од хуманитарен и верски аспект, така и од културен, социјален и здравствен аспект“.

Мустафа Местен, советникот за верски прашања во Амбасадата на Туркије во Скопје, по својот говор за важноста на циркумцизијата, ја рецитираше молитвата за циркумцизија на децата.

На церемонијата настапи и Хорот на Уметничката академија Фатих Еркоч за турска традиционална музика, кој се наоѓа во Скопје за да учествува на еден фестивал.

Во рамките на свеченоста беа испеани духовни песни (илахи), а различни фолклорни групи изведоа народни ора и танци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.