Gordana Kaurin
06 Август 2017•Ажурирај: 07 Август 2017
ПРИЕДОР (АА) - Денес, на местото на некогашниот логор Омарска, одбележани се 25 години од почетокот на распуштањето на логорот, во кој од мај до август 1992 година, беа заробени околу 6.000 цивили, од кои 3.344 приедорчани, а околу 700 од нив беа убиени.
Цивили од бошњачка и хрватска националност во логорот беа малтретирани, силувани и убивани од страна на припадниците на Војската и полицијата на Република Српска, како и од страна на српските паравоени единици. Покрај рудникот имаше две куќи со црвена и бела боја, во кои логорашите се мачени до смрт. Денес, на ова тажно место на ужасни маки беа присутни многу поранешни логораши, членови на семејствата на убиените, високи државни и меѓународни делегации, членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, и голем број здруженија на логораши, јавува Anadolu Agency (AA).
Поранешниот логораш Сеад Софтиќ од Козарац, кој моментално живее во Пула, е поранешен затвореник во Омарска и Мањача.
„Во Козарац не постои семејство кое не изгубил некој од најблиските. Бројот на жртви говори за тоа. Тешко ми е кога ќе дојдам тука. Се сеќавам на болката, малтретирањето. За кратко време изгубив 30 килограми, и модринките не ми поминаа ниту по шест месеци. Бев шест ноќи во белата куќа, 64 од нас бевме во соба од 20 квадратни метри. Умиравме од жед и недостаток на воздух. Беше ужасно“, со солзи во очите раскажуваше Софтиќ.
На одбележувањето на распуштањето на логорот Омарска денес беше присутен и шефот на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, Џонатан Мур.
„Многу е важно што сме денес овде, а позитивни се пораките на жртвите и на преживеаните, тие го заслужуваат нашето внимание и нашата поддршка. Не ги заборавивме злосторствата, ние ја бараме правдата, ние сме тука со голема почит кон жртвите“, изјави Мур, додавајќи дека и толку години по сторените злосторства во БиХ, во однос на правдата никој не е задоволен, но дека мора да се гледа напред кон иднината.
Мирсад Дуратовиќ, поранешен затвореник на логорот Омарска и претседател на Регионалниот сојуз на здруженија Бања Лука, кој е еден од организаторите на денешното одбележување, потсети дека во логорот е донесен на 20. јули кога имал само 17 години, додека тогаш загинал неговиот 15-годишен брат.
„Според нашите податоци низ логорот поминаа 3.334 приедорчани од несрпска националност, беа убиени околу 700 поранешни логораши меѓу кои пет жени, а освен мажи имаше заробено 37 жени и 28 малолетни лица“, изјави Дуратовиќ.
По обраќањата и положувањето свежо цвеќе пред белата куќа, или куќата на смртта, во воздухот беа пуштени балони на кои беа ставени имињата на сите убиени или повредени.
На 3 август 1992 година, американски и британски новинари го открија постоењето на приедорските логори, а благодарејќи на нив многумина преживеаја.