Ivana Ramadanova
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (AА) - Во Македонија, минатата година се склучени 13.199 бракови, односно има намалување за седум проценти во однос на претходната година, додека бројот на разводи лани изнесувал 1.985 и бележи намалување од 9,8 проценти, јавува Anadolu Agency (AA).
Државниот завод за статистика денес објави дека најмногу бракови, односно 1.721, или 13 проценти, се склучени во август, а најмалку се склучени во април, односно 637, или 4,8 проценти.
„Најчесто е стапувањето во прв брак, со учество од 92,5 проценти за жените и 91,2 проценти за мажите. Во втор брак, со учество од 8,1 отсто и трет брак, со учество од 0,7 отсто во вкупниот број на склучени бракови, почесто стапуваат мажите. Во најголем број од склучените бракови, жените биле на возраст од 20 до 24 години, со учество од 33,7 отсто, а мажите во старосната група од 25 до 29 години, со учество од 37,1 отсто", се вели во соопштението на Државниот завод за статистика.
Просечната возраст при склучување прв брак е 26,5 години за невестата и 29,3 години за младоженецот.
Што се однесува до разводите, најмалку разводи имало во јуни, 39, или 2 процента, а најмногу во март, 245, или 12,3 проценти.
Најголем број разводи се случиле кога жената била на возраст од 25 до 29 години и мажот на возраст од 35 до 39 години.