Ekip
02 Јуни 2017•Ажурирај: 03 Јуни 2017
АТИНА (АА) - Грчката полиција денес евакуираше стотици мигранти и бегалци од импровизираните засолништа во напуштената зграда на стариот аеродром во Атина, јавува Anadolu Agency (AA).
Пристапот до аеродромот „Хеленикон“ беше блокиран во утринските часови, а повеќе десетици полициски службеници и интервентната полиција беа на теренот и чекаа околу 600 мигранти да ги соберат своите работи и да влезат во автобусите што ќе ги одведат до другите бегалски кампови во Грција.
Полицијата соопшти дека околу 350 лица, воглавно цели семејства, ќе бидат пренесени до кампот во Теба, оддалечена 70 километри од Атина, додека останатите, воглавно самци, ќе бидат преместени во Дервени, гратче оддалечено околу 140 километри од престолнината.
Евакуацијата продолжи мирно, без инциденти.
Мигрантите и грчките активисти одржаа неколку демонстрации во „Хеленикон“, во знак на протест поради лошите услови за живот во овој импровизиран камп.
Околу 60.000 бегалци и мигранти пристигнаа во Грција, која беше главна влезна точка за луѓето кои бараат спас во некоја од европските земји.
Поголемиот дел стигнаа на бродови од Турција, но договорот на оваа земја и ЕУ и затворањето на балканската рута доведе до намалување на протокот на бегалци во тој простор.
Комплексот во „Хеленикон“, кој е напуштен во изминатите 13 години, без оглед на длабоката финансиска криза во земјата, го користеа околу 3.000 мигранти. Живееја во шатори и во лоши услови во зградата.