Zylfije Adem Jakupi
31 Август 2024•Ажурирај: 01 Септември 2024
ПРИШТИНА (АА) – Косовските власти вчера затворија пет српски паралелни институции на локалната самоуправа во северниот дел на Косово, известува Анадолу.
Министерот за локална самоуправа на Косово Елберт Красниќи соопшти:
„По блиска координација меѓу институциите на Косово, затворени се паралелни нелегални институции на локална самоуправа, кои постапуваа според директиви од Србија, кршејќи ги Уставот и законите на Косово."
Красниќи соопшти дека се затворени Косовско-митровицниот округ и паралелните општини Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Тој потсети и дека претходно беа затворени уште седум паралелни општини во Призрен, Пеќ, Сува Река, Исток, Клина, Ораховац и Драгаш.
Министерот за локална самоуправа рече дека косовските институции обезбедуваат услуги за сите граѓани и дека тие се вистинската адреса за сите барања и потреби на жителите на Косово.
„Во ниту еден дел од нашата Република нема место за нелегално работење и паралелни услуги“, наведе министерот Красниќи.
Истовремено, косовската полиција соопшти дека во тек е полициска акција во четири општини на северот на Косово на барање на Министерството за локална самоуправа, во соработка и координација со надлежните косовски институции и правосудни органи.
„Целта на полициската акција е воспоставување ред и закон и прекин на активности во пет објекти кои се користеа како нелегални општини, кои што беа во спротивност со уставниот правен поредок“, соопшти косовската полиција.