Zylfije Adem Jakupi
15 Декември 2022•Ажурирај: 16 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието на Косово изјави дека северот на Косово останува предизвик поради територијалните претензии кои Србија ги има кон Косово. Сепак, таа истакна дека присуството на српската војска на територијата на Косово е завршено еднаш засекогаш, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи изјави дека Србија своите претензии кон Косово ги искажува преку поддршка и финансирање на нелегални криминални структури, но дека Косово како никогаш досега е решено да создаде безбедност и владеење на законот на секоја педа од територијата на Косово.
Претседателката изјави дека на криминалните банди не им се допаѓа решеноста на косовските институции да обезбедат сите граѓани да бидат еднакви пред законот и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Османи рече дека тие криминални групи ќе се соочат со правдата за кривичните дела против уставниот поредок на Република Косово, како и поради заплашувањата и заканите што ги упатуваат кон граѓаните на Косово.
„Сите сме сведоци на постојаните закани на Србија кон Косово. Овие закани во последно време се претвораат во агресија преку хегемонистички идеи за воспоставување трупи на Српската армија на Косово. Но Србија и нејзиниот водач Вучиќ многу добро знаат дека присуството на српската војска на територијата на Косово заврши еднаш засекогаш на 12 јуни 1999 година, кога трупите на НАТО го скршија столбот на хегемонистичките идеи на Србија за Косово без Албанци и кога истребувањето беше нивна геноцидна цел“, нагласи Османи.
Таа повтори дека стратешката ориентација на Косово е членството во НАТО и дека косовските безбедносни сили се развиваат според највисоките стандарди на НАТО.
Османи ги отфрли критиките на опозицијата дека Косово нема надворешна политика, велејќи дека Косово никогаш немало поактивна, посуштинска, поподготвена и координирана надворешна политика.
Таа рече дека надворешната политика е насочена само кон интересите на Косово и дека нема повеќе лобирање за промена на границите и флертување со Србија и Русија за индивидуални интереси.
„Времето на граничните трговци помина засекогаш. Предизвиците на надворешната политика се секако безброј, бидејќи грешките беа од големи размери. Сега треба чекор по чекор, со трпение и со јасна визија да ги санираме овие штети“, нагласи Османи.
Таа потсети дека годинава Косово презело конкретни чекори кон членство во Советот на Европа, а вчера беше потпишана и апликацијата за членство на Косово во Европската Унија, која денеска се поднесува до чешкото претседателство со ЕУ.
Османи зборуваше и за внатрешните проблеми на Косово, како што е, како што рече, пандемијата на насилство врз жените. Таа изјави дека ова е еден од најкомплексните предизвици на косовското општество, повикувајќи се на невладини организации дека од 2010 година на Косово 50 жени биле убиени од страна на нивните сопрузи.
Пратениците на опозициските партии, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово, го бојкотираа говорот на претседателката Османи, бидејќи сметаат дека нејзината работа не е обединувачка, туку крајно поларизирачка.