Agim Sulaj
14 Јуни 2023•Ажурирај: 15 Јуни 2023
ПРИШТИНА (АА) - Полицијата на Косово излезе со соопштение во кое наведува дека се сомнева дека се киднапирани тројца службеници на граничната патрола во пограничниот појас на северот на земјата, пренесува Анадолу.
Според соопштението на полицијата, во овој случај, единицата на граничната патролна полиција дежурала на статична точка на местото Тресаве/Баре, длабоко во територијата на Косово, со цел да се спречи користење на дивите патишта „што ги користеле криминални групи за нелегално преминување“.
„Денес напладне полициската единица, составена од тројца гранични службеници, информираше дека во близина на статичниот пункт забележале маскирани и вооружени лица, по што во правец на оваа точка била пратена дополнителна единици за помош од Полицијата на Косово. По пристигнувањето на споменатиот локалитет единицата за помош го забележале само службениот автомобил, но не и полициските службеници што биле дежурни на таа локација. Кон оваа локација веднаш се упатени и други полициски единици и информирани се и други безбедносни институции, меѓу кои и КФОР, бидејќи постои сомнение дека полицајците се киднапирани од страна на српските сили“, се вели во полициското соопштение.
Во продолжение се наведува дека за преземање конкретни дејства за безбедноста на полицајците за кои постои сомнение дека се киднапирани од српските сили, контактирани се сите локални и меѓународни механизми за што поскоро да бидат ослободени и вратени во косовската полиција.
Во текот на денот и разни српски медиуми објавија дека припадници на српските специјални единици привеле службеници на косовската полиција.