Admir Fazlagic
24 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, браќата Кирил и Методиј, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Како основоположници на словенската писменост и литература, светите браќа Кирил и Методиј се залагале за развој на христијанската мисла. За важноста и за суштината на просветителската мисија на двајцата браќа, кои внеле нов импулс во верата и во културата на сите словенски народи, говори и фактот што денеска тие се патрони на Европа", се наведува во честитката на претседателот Иванов.
„Темел на културолошкиот процес било создавањето на словенската азбука – глаголица. Но, нивната мисија и нивното сфаќање за развојот и за ширењето на словенската цивилизациска свест се најдобро изразени преку просветителскиот континуитет на Кирилометодиевите ученици, големите дејци свети Климент и свети Наум", вели претседателот Иванов истакнувајќи ја важноста од празнувањето на историско-културолошкото и епохално значење на браќата Кирил и Методиј како во однос на светската историја, така и во однос на словенството.
Честитки по повод одбележувањето на државниот празник 24 Мај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители упатија претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, бројните министри, директори на државните институции и организации, како и лидерите на политичките партии во земјава.