Kemal Zorlak
09 Август 2024•Ажурирај: 10 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, рече дека Туркије е земја што има конструктивна улога на Балканот и дека придонесува за мирот и стабилноста на целиот регион, јавува Анадолу.
Ибрахимовиќ престојува во дводневна посета на Туркије, при што денес во Истанбул оствари средба со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
На заедничката прес-конференција по средбата Ибрахимовиќ го изрази своето задоволство од посетата на Туркије.
„Ова е моја прва официјална билатерална посета од преземањето на функцијата потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Црна Гора и многу ми е драго што тоа е Туркије, наша блиска пријателска земја, важен партнер и НАТО-сојузник. Црна Гора и Туркије оваа година одбележаа 145 години од воспоставувањето дипломатски односи. Уверен сум дека првите дипломатски претставници на нашите земји, кои ги изградија темелите врз кои ние ја развиваме меѓудржавната соработка, денес би се гордееле на сѐ она што заеднички го постигнавме“, рече Ибрахимовиќ.
„За време на денешните разговори, овде во Истанбул, изразив задоволство од соработката во рамките на НАТО и заедничкото залагање на нашите две земји за унапредување на колективната безбедност и стабилност. Ова е особено важно во светлината на растечките глобални кризи и конфликти што бараат зголемена посветеност и соработка на меѓународната заедница, со цел заеднички да се дојде до трајно одржливи решенија“, порача црногорскиот министер.
Тој ја истакна „конструктивната улога на Туркије на Балканот и нејзиниот придонес за мирот и стабилноста на целиот регион и нејзината несомнена посветеност на регионалните иницијативи и унапредувањето на регионалната соработка“.
Тој рече дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) со над 400 развојни проекти во вредност од над 20 милиони евра е еден од најважните развојни партнери на Црна Гора.
Потсети дека денес во Туркије живеат голем број луѓе со потекло од Црна Гора, кои ѝ се лојални на Туркије, но кои имаат силни емоции кон Црна Гора.
„Мислам дека тоа е голема шанса и дека тие се извонреден мост за зајакнување на добрите пријателски односи на двете братски држави“, истакна Ибрахимовиќ.