Admir Fazlagic
05 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска изјави дека Македонија и Грција се приближуваат кон крајот на решавањето на спорот околу името, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференција во Скопје, премиерот Заев ја коментираше изјавата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој рече дека е дојдено времето да се каже едно големо „да“, или едно големо „не“. Меѓу другото, во изјавата, Коѕијас, откри дека на маса сѐ уште се во оптек три имиња, Република Нова Македонија, Северна Македонија и Горна Македонија.
„Верувам дека сме на самиот крај, и ќе останам внимателен, за крајот да биде успешен, среќен. Не би коментирал детали затоа што сè уште се создаваат околности за да се случи телефонскиот разговор. Верувам дека денови се во прашање за да се случи тој телефонски разговор. И веднаш штом се случи, како и за содржината на разговорот, ќе ги информирам граѓаните на нашата земја“, рече Заев.
Тој посочи дека сите детали што ќе бидат договорени, ќе бидат споделени со граѓаните.
„Да не заборавиме дека на крајот, сепак, граѓаните одлучуваат на референдум, но важно е како сето тоа ќе биде договорено, доколку, секако, биде договорено, колку тоа ќе биде доволно мотивирачко за граѓаните“, додаде Заев.