Mustafa Talha Öztürk
18 Ноември 2022•Ажурирај: 19 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Европската Унија (ЕУ) ги повика српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел за да разговараат за пронаоѓање решение во врска со кризата со регистарските таблички, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека моменталната криза меѓу Србија и Косово е најтешката ситуација од 2013 година.
Тензиите меѓу Србија и Косово се зголемија откако етничките Срби во Косово се повлекоа од сите централни и локални институции за да протестираат во врска со одлуката на Приштина да ги смени старите регистарски таблички издадени од српските власти со оние од Косово.
„Можам само да нагласам дека ангажманот на ЕУ како олеснувач на дијалогот е во тек и очекуваме европско однесување кое води кон европско решение. Ги поканивме двете страни итно да дојдат во Брисел за да се најде европско решение. Се надевам дека таа средба ќе се случи многу брзо“, рече Стано.
Според локалните српски медиуми, средбата ќе се одржи в недела или в понеделник наутро.
В понеделник треба да започне втората фаза од одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата по што сопствениците на возила со српски регистарски таблички би биле казнети со 150 евра.
Косово ја прогласи својата независност од Србија во 2008 година, но Белград продолжува да го смета за своја територија.
Приштина соопшти дека овој месец ќе започне со изрекување казни за српските возачи кои користат стари таблички пред независноста и по 21 април 2023 година ќе ги конфискува возилата со застарени регистарски броеви.
Вучиќ рече дека Белград се придржува до Договорот од Брисел, договор од 2013 година за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, и ги повика ЕУ и Приштина да го сторат истото.
ЕУ и НАТО ги повикаа двете страни да се воздржат од еднострани дејствија и да ги решат отворените прашања преку дијалог.
Брисел го олесни дијалогот меѓу двете земји, кој е со цел намалување на тензиите и решавање на билатералните прашања, едно од барањата за полноправно членство во ЕУ.