АНКАРА (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, имаше свое обраќање на „Румелиско-балканските средби”, кои се одржаа во Анкара. Во својот говор, Ердоган истакна дека изборите во Македонија се одржаа одамна, но сѐ уште нема никаков резултат и додаде: „Се надеваме дека многу наскоро ќе биде донесена одлука и сѐ ќе тргне по својот пат“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган се сретна со членовите на Балканската федерација на „Румелиско-балкански средби”, која беше организирана од страна на Министерството за труд и социјална политика на Турција, а се одржа во Националниот конгресен и културен центар Бештепе, во Анкара.
„Посакувам Средбата Румелија-Балкан да биде успешна. Сакам да им се заблагодарам на сите што го дале својот придонес во оваа организација, особено на министерот за труд и социјална политика, Мехмет Муезиноглу“, истакна Ердоган на почетокот од својот говор.
Претседателот Ердоган нагласи дека луѓето дојдени од Западна Тракија, Бугарија и од Балканот не се мигранти во Турција, туку се вистински поколенија на Турција.
„Вашите дедовци, татковци, не дојдоа на туѓо место, туку во својата татковина, во огништата на своите татковци. Пред едно столетие, балканската катастрофа отвори толку длабока рана кај нас, што нашите војници и офицери, без да трепнат јуришаа кон смртта на Чанаккале. И Мустафа Кемал изјави: 'Наместо повторно да го видам срамот од Балканот, одбирам да умрам тука'“, додаде Ердоган.
На изјавата на Ердоган: „Фала му на Бога, денес имаме татковина како Турција, имаме засолниште и иднина како што е Турција“, гостите во салата одговорија: „Имаме претседател како вас“.
Претседателот Ердоган истакна дека она што е Турција денес, е благодарение на трудот на оние што од разни земји од Румелија и од Балканот имигрирале во Турција, во сите нејзини делови, и таму започнале нов живот.
- „Немаме интерес за ничија територија или независност“
Истакнувајќи ја важноста од заедничката судбина и историја, претседателот Ердоган истакна:
„Проектот 2023 претставува наш мир, безбедност, просперитет и иднина заедно со визиите за 2023 и 2071, кои заедно со нашите браќа од сите краишта, ги градиме нашите соништа. Ние немаме никакаков интерес за територијата и суверенитетот на друга земја. Вложуваме напори за заштита на нашите браќа, сонародници, правата на сите жртви и угнетени и за заштита на правото.
Всушност, вложувањето напори и борбата заедно со нас е заедничка должност на целото човештво, но кога станува збор за муслиманите, кога станува збор за Турците, тогаш за жал, сведоци сме дека во поголем дел од светот луѓето замижуваат, ушите им се затнуваат, срцата им поцрнуваат. Ние никогаш така не се однесуваме. Зарем човек може да се откаже од еден свој дел, од раката, ногата, окото, увото? И ние не се откажуваме од нашите браќа, првенствено од оние во Румелија и на Балканот“.
- „Имаме право да бидеме покрај нив“
Ердоган посочи кон инцидентите што во последниве денови се случија во Европа, првенствено во Холандија.
„Сите сме сведоци дека кон нашите државјани имаше нечовечки став. Како Турција и турски народ, како би можеле да не им излеземе во пресрет на нашите државјани? Колкава и да е цената, ќе се трудиме да ги заштитиме нивните права и закони“, нагласи Ердоган.
Тој истакна дека во ова проблематично време, за стабилноста на регионот треба сите заедно да си излезат во пресрет едни на други, повеќе од кога било порано.
Ердоган рече дека изборите во Македонија се одржаа одамна, но сѐ уште нема никаков резултат, и додаде: „Се надеваме дека мноу наскоро ќе биде донесена одлука и сѐ ќе тргне по својот пат. Наскоро и во Албанија ќе има избори. Се надеваме дека и таму изборите ќе бидат спроведени на фер начин“.
Претседателот Ердоган потсети на изборите во Бугарија закажани за 26 март:
„Им се обраќам на моите сонародници и браќа таму. Посакувам изборите во Бугарија да поминат во мир, и дека ќе има фер и транспарентни резултати. Многу се натаживме кога видовме и чувме дека таму се случуваат одредени притисоци. Тоа не е во ред, од една страна велите ‘демократија’, а од друга страна вршите сериозен притисок врз Турците таму“.
Не е во ред од една страна да зборувате за 'придобивки на Европската Унија', а од друга страна да се однесувате сосема спротивно на нив. Ние од тука ги бараме правата на нашите сонародници, имаме право да бидеме покрај нив. Се надевам дека како насекаде и секогаш досега, и изборите во Бугарија ќе бидат фер и демократски. Истото го посакувам и за останатите балкански земји во кои наскоро ќе има избори“, порача претседателот Ердоган.