Ivana Ramadanova
19 Јануари 2017•Ажурирај: 20 Јануари 2017
БРИСЕЛ (АА) - Пратениците во Европскиот парламент ги повикаа Европската Унија и националните власти на земјите-членки на Унијата дека треба да обезбедат итна помош за да им помогнат на мигрантите и на бегалците во справувањето со ниските температури и снегот во неколку делови на Европа, посочувајќи ги притоа Македонија, Грција и Србија како земји каде што има неприфатливи услови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истовремено, како што пренесува МИА, европратениците ги повикаа владите на земјите од ЕУ да ги исполнат своите ветувања за пренесувањето на илјадници баратели на азил во други земји, особено од Грција.
Неколку говорници на седницата на Европарламентот повикаа да се послуша очајниот повик на бегалците што се на грчките острови, но како што наведоа, и во другите земји, како што се Србија и Република Македонија. Европратениците посочија дека е неприфатливо тоа што не се реагира, и прашаа колку луѓе треба да умрат од студ за ЕУ да реагира.
Според расправата во Законодавниот дом на Европската Унија, досега се преселени само шест проценти од 160.000 баратели на азил, кои треба да се преселат од Грција и од Италија.
„Ние не сме горди со оваа многу болна состојба“, истакна комесарот за хуманитарна помош на ЕУ, Христос Стилијанидис.
Еврокомесарот објасни дека Унијата издвојува доволно пари за да ѝ помогне на Грција да се справи со досега невидените услови, но посочи дека некои слабости на теренот не дозволиле парите добиени од Брисел да се искористат на најдобар можен начин.