Alma Çekovic
03 Декември 2016•Ажурирај: 04 Декември 2016
САРАЕВО (AA) - Туристичкиот потенцијал на Македонија, најпознатите производи и гастрономијата претставени се денеска во Сараево на традиционалниот хуманитарен Дипломатски зимски базар во организација на членовите на дипломатската заедница во Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Anadolu Agency (AA).
Штандот на Амбасадата на Македонија е еден од најпосетените на Базарот.
Традиционалното македонско јадење тавче гравче е еден од најбараните специјалитети, а многу брзо се испразнети чиниите со сирење, ајварските намази и специјалитетите од Македонија.
Александар Крстевски од Амбасадата на Република Македонија во БиЈ рече дека ова е нивно второ учество на Базарот кој го поддржаа нивните партнери и пријатели од Македонија. Истакна дека македонската Амбасада со задоволство е дел од овој проект и настојува со својот труд да придонесе и да помогне на оние на кои тоа највеќе им е потребно.
„Ова ние втора година, се надеваме дека ќе стане традиција и дека Македонија ќе се претставува и во иднина во се подобро светло. Неизоставен дел од нашата култура е традиционалното јадење тавче гравче кое го подготви мојата сопруга, која е инаку во организацискиот одбор на хуманитарниот базар", рече Крстевски за АА.
На штандот на Амбасадата на Македонија изложени се и плакати на бројни македонски атракции. Посетителите можат да пробаат и да купат најпознати македонски специјалитети, различни видови сирење, ајвар, колачи и производи од козметичка колекција на македонски произведувачи.
„Сите ние од регионот генерално се познаваме и ги знаеме нашите квалитети кои ги поседуваме. Секако, граѓаните на БиХ го препознаваат тоа и не посетуваат. И минатата година бевме презадоволни, бидејќи сите овие приходи одат во добротворни цели, а Македонците се тука секогаш да помогнат на сите оние кои имаат потреба од тоа, затоа ние се трудиме да собереме средства највеќе што можеме", рече Крствски.