Ekipa
14 Септември 2024•Ажурирај: 16 Септември 2024
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на свеченоста за промовирање на најмладите офицери на Војската на Србија, што се одржа пред Домот на народното собрание во Белград, рече дека како врховен командант и претседател на Републиката потпишал согласност за служење на редовен воен рок во траење од 75 дена, пренесува Анадолу.
Во таа пригода, како што пренесуваат српските медиуми, Вучиќ рекол дека верува дека Владата на Србија ќе ја усвои таа одлука, бидејќи „на Србија ѝ е потребна силна војска која би можела да ги одврати оние кои ни се закануваат“.
„Сакам да верувам дека Владата на Србија ќе ја усвои таа одлука. Сакам да верувам дека сите разбирате колку ни треба силна војска, уште колку ќе треба да купуваме оружје, да правиме, да создаваме. Не е наша желба да нападнеме некого. Ниту пак ќе го направиме тоа. Туку нашата желба е да ги одвратиме сите оние кои секој ден ни се закануваат“, рече Вучиќ во своето обраќање на церемонијата за доделување на првите офицерски чинови на 177 кадети на Воената академија и Медицинскиот факултет на Воено-медицинската академија, пренесе агенцијата Танјуг.
Вучиќ неодамна изјави дека Србија размислува да воведе воен рок во траење од 60 плус 15 дена, кој би бил задолжителен за мажите, додека жените и понатаму би можеле да служат доброволно.