Bojan Bednar
05 Ноември 2022•Ажурирај: 06 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Специјалната седница на Владата на Србија за ситуацијата на Косово, на која присуствуваше и претседателот Александар Вучиќ, се одржа денес, а претседателот на Србија по тој повод на својот профил на социјалната мрежа Инстаграм објави дека ѝ се заблагодарува на Владата што е повикан на седницата и што му е дадена можност членовите на Владата да ги извести за состојбата во која се наоѓа Србија, известува Агенција Анадолија (АА).
„Не се откажуваме од одговорната политика на мир и стабилност“, напиша Вучиќ.
На седницата, покрај министрите, присуствуваа и директорите на јавните претпријатија.

На седницата ѝ претходеше петчасовен состанок на Вучиќ со специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, што се одржа вчера напладне.
Лајчак денес на социјалната мрежа Твитер напиша дека разговорот со Вучиќ бил „тежок и долг, но фер“.
„Сметам на одговорното однесување на сите за да се сочуваат стабилноста и безбедноста. Насилството мора да биде избегнато“, напиша Лајчак.
Лајчак додаде дека е договорено сите договори постигнати за време на Бриселскиот дијалог да мора да бидат во потполност применети.