Husameddin Gina
12 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Како резултат на темелната соработка меѓу Археолошкиот музеј на Македонија и Центарот за истражување на предисторијата, денес започна четвртата по ред конференција посветена на предисторијата на Македонија насловена како „Неолитот во Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што истакна директорот на Археолошкиот музеј на Македонија, Горан Санев, научниот собир е посветен на реномираниот археолог Воислав Санев, кој со својата истражувачка работа даде огромен придонес за археологијата во Македонија.
Тој, исто така, рече дека секоја година интересот за конференцијата се зголемува.
„Целта на оваа конференција е да се презентираат најновите согледувања од истражувањата на неолитот на Балканот, и тоа секоја година зема сè поголем замав и сè поголем е и интересот на колегите учесници на конференцијата“, нагласи директорот Горан Санев.
Горан Санев посочи дека на меѓународната конференција ќе учествуваат археолози од Шпанија, Италија, Грција, Бугарија, Србија и од Косово, и дека сите нив ги обединува заедничката работа и заедничките резултати.
„Во времето на неолитот, како впрочем и денес и низ сите епохи, во Република Македонија некако се концентрираат многу влијанија од нашата околина, но и пошироко. Така на овие конференции сите истражувачи имаат интерес и желба да ги презентираат нивните нови согледувања“, рече Санев.
Во текот на конференцијата на публиката ќе ѝ бидат презентирани 15 реферати од страна на странски научници, кои во своето излагање ќе се осврнат на неолитското културно наследство на Македонија.
На собирот ќе биде презентиран и зборникот на трудови ,,Neolithic in Macedonia - challenges for new discoveries“, кој е резултат од минатогодишната конференција.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Македонија.