Балкан

Во Скопје се одржа традиционалната „Матурска парада“

Матурантите од Скопје танцуваа истовремено со нивните врсници од голем број градови од различни земји во регионот и светот

Husamedin Gina  | 17.05.2019 - Обновена : 18.05.2019
Во Скопје се одржа традиционалната „Матурска парада“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – На Централниот градски плоштад во Скопје, денес се одржа традиционалната манифестација „Матурска парада 2019“, на која учествуваа околу 1.000 матуранти од средните училишта во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).

Откако беше прочитана пораката за ненасилство од страна на сите матуранти, која гласеше „Како зрел одговорен човек изјавувам дека насилство не правам и нема да правам, насилството не го поддржувам, против насилството ќе зборувам и работам“, преку Македонското радио – Радио Скопје беше преземен сигналот од Радио Словенија, од каде што се емитуваше Штраусовата опера „Лилјакот“, на која матурантите го изведоа својот танц квадрил. 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во својот говор на манифестацијата рече дека матурантите денес започнуваат со ново поглавје во нивниот живот и додаде дека денес за прв пат на Европа може да ѝ кажеме дека сме дел од неа. 

„За наша, за ваша, за сечија среќа ова е прв пат кога навистина можеме да ѝ кажеме на Европа, Европо еве сме, тука сме, заедно сме, дел од вас сме. Јас сум убеден дека вашите врсници од Европа од 25 различни земји, за прв пат нè чувствуваат како заеднички дел“, нагласи Шилегов. 

Шефот на Одделот за политички прашања, информации и комуникации при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Лукаш Холуб, на матурантите им порача да останат во својата земја. 

„Ѝ требате на вашата земја за да напредува, затоа не заминувајте, останете и промената ја вашата земја, а исто така ѝ требате и на Европа. Ни требаат вашите соништа, вашата инспирација и енергија“, нагласи Холуб. 

Матурантите од Скопје танцуваа истовремено со нивните врсници од голем број градови од различни земји во регионот и светот. 

Освен во Скопје, парада на матурантите се одржа и во други градови низ Република Северна Македонија. 

„Матурската парада“ за првпат се одржа во 2001 година во Љубљана, а во Северна Македонија, за првпат беше организирана во 2007 година, во Скопје и во Охрид, под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на Европската Унија. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.