СКОПЈЕ (АА) – По повод 20. јуни – Светскиот ден на бегалците, во Клубот на новинари беа доделени наградите од конкурсот за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2016 година во Македонија. На новинарот на турската новинска агенција Anadolu Agency (AA) во Скопје, при Сервисот на македонски и Сервисот на албански јазик, Адмир Фазлагиќ, му припадна II место за написот под наслов „Слепиот сириски бегалец Леис: Музиката е мојот живот”, јавува Anadolu Agency (AA).
Конкурсот е во организација на Македонското здружение на млади правници во соработка со Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации (УНХЦР) во Скопје и Здружението на новинари на Македонија. Во рамките на конкурсот се доделуваат награди во три катеории: натпис или серија натписи, емисија, прилог или краток документарец и фотографија.
Фазлагиќ, заблагодарувајќи им се на организаторите за можноста да бидат презентирани новинарските трудови за бегалците, рече дека во фокусот при известувањето за бегалската криза, новинската агенција Anadolu Agency (AA), настојувала да ги прикаже човечките приказни кои ја отсликуваат нивната реалност.
„Ние како турска новинска агенција која известува на 11 јазици се трудевме постојано да известуваме, презентирајќи ги човечките приказни. Во тој контекст постојано се боревме да извлечеме нешто специфично”, истакна новинарот Фазлагиќ при доделувањето на наградите.
- УНХЦР: На крајот на 2016 имало 65,6 милиони присилно раселени лица низ светот
Претставникот на УНХЦР во Скопје, Мухамед Ариф упати честитки до сите новинари и фоторепортери на конкурсот за професионално известување за бегалците, со што помогнале да се подигне јавната свест за голготата која тие ја преживуваат.
Тој презентираше и статистички податоци кои се однесуваат на бегалската криза. Новиот извештај на УНХЦР Глобални трендови, најголемото годишно истражување на организацијата за состојбата со раселеноста, вели дека на крајот на 2016 имало 65,6 милиони присилно раселени лица низ светот – околу 300.000 повеќе од претходната година. Овој збир претставува огромна бројка луѓе ширум светот кои имаат потреба од заштита, информираше Ариф.

„Иако сирискиот конфликт и понатаму создава најголем број бегалци во светот (5,5 милиони), најголем нов фактор во 2016 година беше Јужен Судан каде катастрофалниот неуспех на мировните напори во јули истата година придонесе за бегањето на 739.900 лица до крајот на годината (1,87 милиони до денеска”, рече Ариф.
Исто така, тој информираше дека втор дел се раселените луѓе внатре во своите држави, чиј број достигна до 40,3 милиони до крајот на 2016 споредено со 40,8 милиони претходната година.
„Сирија, Ирак, и сѐ уште многу значајното раселување во Колумбија, беа најголемите ситуации на внатрешно раселување, но сепак проблемот на внатрешното раселување е присутен ширум светот и претставува речиси две третини од вкупната светска бројка на присилни раселувања”, истакна Ариф.
Третиот дел, информираше Ариф, се барателите на азил, луѓе кои ги напуштиле своите земји и бараат меѓународна заштита како бегалци. Заклучно со крајот на 2016 година бројот на луѓе кои бараат азил на глобално ниво беше 2,8 милиони.
Ова води кон плаќање на огромна човечка цена на глобално ниво како резултат на војната и прогонот: 65,6 милиони луѓе значи дека во просек еден на секои 113 луѓе во светот денеска е раселен – население кое е поголемо од она на Обединетото Кралство, дваесет и првата најнаселена земја во светот. Организаторите на конкурсот се заблагодарија на сите учесници кои се пријавијa на објавениот повик за нивниот придонес кон информирањето на јавноста и подигнувањето на јавната свест на граѓаните за состојбата на бегалците во Република Македонија.
- Приказната за слепиот бегалец кому музиката му е живот
Република Македонија од самиот почеток на бегалската и мигрантската криза е неизбежна станица на многуте бегалци коишто доаѓаат од земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, бегајќи од тешката војна, во потрага по безбедно засолниште и подобро утре.

Еден од тие илјадници бегалци е младиот Леис од Сирија. Само што ја помина македонската јужна граница, седна да ги провери својот куфер, во кој меѓу другите лични работи, за најважни ги смета своите музички инструменти, лаута и флејта.
И покрај тоа што е слеп, не му претставувше проблем да ужива свирејќи на своите омилени музички инструменти. Напротив, тој му противречи на слепилото, така што, музицирајќи, вели го доживува светот околу себе.
Во разговор за Anadolu Agency (АА), овој млад сириец кој вели дека флејтата и лаутата се дел од неговиот живот и дека ниту еден ден не би можел да го замисли без нив. Најппрвин, открива тој, од својата осма година почнал да свири на лаута, а после одредено време и на флејта.