Zülfiya Yakup
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
ПРИШТИНА (АА) - По повод 30 Август, Меѓународниот ден на исчезнатите лица, во Приштина денес невладината организација „Иницијатива на младите за човекови права на Косово“ организираше „Марш за исчезнатите! Марш за вистината! Марш за правда!“, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓаните од плоштадот „Захир Пајазири“ до зградата на Владата на Косово чекореа носејќи транспаренти со имињата на 1648 исчезнати лица од Косово. Пред Владата на Косово, Маригона Шабију, директорката на „Иницијативата на млади за човекови права на Косово“, изјави дека маршот е организиран за да се подигне свеста и одговорноста на државата и да се бара вистината и правдата за сите исчезнати.
„Од овој плоштад денес и секој втор ден упатуваме повик до премиерот и Комисијата на Владата за исчезнати лица да го зголемат своето ангажирање за решавањето на прашањата за исчезнатите лица, особено во овој период кога дијалогот со Србија влезе во конечна фаза“.
„Ова е повик до претседателот, како предводник на политичкиот дијалог со Србија, на врвот на агендата да го стави прашањето за исчезнатите. Ниту еден договор со Србија не би бил целосен доколку немаме гаранција од Владата на Србија дека ќе соработува во расветлувањето на судбината на 1648 исчезнати лица“, изјави Маригона.
Пред насобраните се обрати и Грамос Бериша, преживеаниот од масакрот во Сува Река што се случи на 26 март 1999 година, кога беа масакрирани 49 лица, вклучувајќи ги и членовите на неговото најблиско семејство. Како што рече тој, некои од нив и понатаму се водат како исчезнати.
„И 19 години по војната мене и на моето семејство сè уште ни се негира правото да знаеме каде се нашите сакани, исто како што им се негира на семејствата на 1648 исчезнати лица. Јас и семејствата на другите исчезнати лица, како и косовското општество, од Косово бараме прашањето за исчезнатите лица да се врати како приоритетно прашање и да се работи на расветлување на нивната судбина, без компромиси“, изјави Грамос.
По одржаните говори ливчиња со имињата на исчезнатите лица се фрлени во црна кутија, на која го пишува прашањето за премиерот на Косово: „Премиере до кога оваа кутија ќе биде полна?“ Кутијата ќе биде предадена на косовскиот премиер.