Stipe Majic
12 Април 2019•Ажурирај: 13 Април 2019
ДУБРОВНИК (AA) - Во Дубровник започна Самитот „16+1“, на кој се среќаваат премиерите од земјите од Источна и Средна Европа со кинескиот премиер, Ли Кекианг, кому оваа година му се придружи и грчкиот премиер Алексис Ципрас, со што оваа иницијатива ќе прерасне во „17+1“, јавува Anadolu Agency (AA).
На самитот „16+1“, кој се состои од деловен и политички дел, учествуваат 16 премиери и околу 1.000 останати гости, од највисоки претставници на државните власти, премиери и министри, па сè до деловни луѓе.
Самитот започна со 9. Бизнис-форум, кој со обраќањето на премиерите и претставниците на деловните субјекти го отвори хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, истакнувајќи дека е среќен што овој форум се случува токму во Дубровник, градот кој низ историјата беше трговски мост помеѓу истокот и западот. Пленковиќ го спомена и Марко Поло, кој ја поврзуваше Европа и Кина, а кој се родил на островот Корчула.
Пленковиќ нагласи дека Кина е втор најголем пазар за извоз и прв пазар за увоз во ЕУ, со тоа што дневно помеѓу Кина и ЕУ се разменуваат милијарда долари.
Кинескиот премиер Ли Кекианг во воведното обраќање истакна дека Кина ќе ги приспособува даноците за да напредуваат средните и малите претпријатија во таа земја, за да се задржи долготраен, постојан раст на стопанството.
„Кина е свртена кон светот, ја поздравуваме двостраната отвореност и би сакале да го зголемиме увозот од овие земји во Кина, посебно на земјоделските производи за да би имале поголем избор на пазарот“, рече Ли.
Двајцата премиери Пленковиќ и Ли симболично означија започнување на работа на интернет-страницата која ќе овозможи иницијатива за соработка и развој на средните и малите претпријатија.
Мотото на деловниот форум е „Изградба на новите мостови преку отвореност и соработка“.
Во Дубровник пристигнаа вкупно 16 премиери, меѓу кои се премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, чешкиот премиер, Андреј Бабиш, унгарскиот премиер, Виктор Орбан, претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, естонскиот премиер, Јури Ратас, бугарскиот премиер, Бојко Борисов, премиерката на Романија, Виорика Данчила, словачкиот премиер, Петер Пелегрини, премиерот на Словенија, Марјан Шарец, српската премиерка, Ана Брнабиќ, и албанскиот премиер, Еди Рама, полскиот премиер, Матеуз Моравецки, и чешкиот претседател, Милош Земан.
Состанокот на премиерите на 16 држави од Источна и Средна Европа со кинескиот премиер се одржува секоја година, а станува збор за 8. самит кој оваа година, по минатиот состанок во Софија, се одржува во Дубровник.