Abdula Berisha
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Основното јавно обвинителство - Тетово информира дека е доставен Извештајот од извршеното вештачење на трагите од пожарот во Модуларната ковид-болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, во кој се утврдени можните околности за настанувањето на пожарот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се истакнува дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и дека се очекува во Основното јавно обвинителство - Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои Обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето што треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија.
Од Обвинителството информираат дека и натаму интензивно постапуваат по предметот и дека се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот, додека јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката ќе биде донесена по прибирање на сите вербални и материјални докази.
Што се однесува до вештачењето, во соопштението се вели дека се утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница.
„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, се вели во соопштението.
Од Обвинителството информираат дека присутниот медицински персонал презел обид за гаснење на пламенот, но дека настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.
„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период“, се вели во соопштението, во кое се додава дека кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.
Потсетуваме, во Модуларната болница во Тетово, каде што се лекуваа пациенти заразени со Ковид-19, на 8 септември избувна пожар во кој животот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.
Владата на Република Северна Македонија соопшти дека е одобрена одлуката во земјата да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во болницата во Тетово. Станува збор за експертски тим од Федералната криминалистичка полиција на Германија.