Vesna Besic
29 Октомври 2022•Ажурирај: 30 Октомври 2022
САРАЕВО (АА) - Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Брнабиќ ѝ се заблагодари на Фон дер Лајен за нејзината посета на Србија и регионот и го истакна значењето на заедничката посета на претседателот на Република Србија и претседателката на Европската комисија на Ниш, каде што го разгледаа одвивањето на работите за изградба на гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија.
Брнабиќ во разговорот истакна дека новата енергетска политика е прв приоритет на новата Влада, и дека во фокусот ќе биде прашањето за натамошна енергетска диверзификација.
Претседателката на Владата на Србија рече дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија е објективен и избалансиран и дека Владата во новиот мандат ќе продолжи да биде посветена на реформите и процесот на европски интеграции.
Брнабиќ го издвои продолжувањето на реформите во областа на владеењето на правото, потоа реформите во областа на правосудството и усвојувањето на нов пакет правосудни закони, како и прашањата за слободата на медиумите и усвојувањето на нов сет закони за медиумите.
Таа ја запозна претседателката на Европската комисија со активностите за усогласување со визната политика на ЕУ.
Кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Брнабиќ рече дека остануваат посветени на дијалогот и дека нивните приоритети се мирот и стабилноста.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ѝ честита на Брнабиќ за изборот на новата Влада на Србија и ѝ посака многу успех во понатамошната работа.
Фон дер Лајен ја изрази поддршката за Србија и Западен Балкан во процесот на пристапување во Европската Унија.
Претседателката на Европската комисија на состанокот ја запозна Брнабиќ со актуелните прашања во врска со енергетската состојба во Европа.
На состанокот присуствуваа и министерката за европски интеграции Тања Мишчевиќ и министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ.