Балкан

Белград: Макрон допатува во посета на Србија

Макрон изјави дека му е голема чест што дошол во посета на Србија, и напомена дека дошол во важен момент на заедничката историја на двете земји

Bojana Stojanovic  | 15.07.2019 - Обновена : 16.07.2019
Белград: Макрон допатува во посета на Србија

БЕЛГРАД (АА) - Францускиот претседател, Емануел Макрон, допатува денес во дводневна посета на Србија, а на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград беше пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).

Макрон по слетувањето во Белград присуствуваше и на церемонијата за откривање на плочата по повод почетокот на работењето на модернизација на аеродромот „Никола Тесла“, што го спроведува француската компанија „Vinci Airports“.

Макрон на аеродромот изјави дека му е голема чест што дошол во посета на Србија, и напомена дека дошол во важен момент на заедничката историја на двете земји.

Како прв важен момент ја наведе победата на тенисерот Новак Ѓоковиќ на Вимблдон, му честита на таа голема историска победа, како втор ја наведе прославата на крајот на големата војна, кога двата народи се бореле слободно и храбро, како и 180 години од дипломатските односи на Франција и Србија.

„Сакаме да свртиме нова страница, ние сакаме да градиме нови партнерства и сакам да работам со Вас претседателе на сето тоа“, му рече Макрон на Вучиќ.

Вучиќ изјави дека ова е само почеток на извонредната соработка на двете земји, заблагодарувајќи му се на Макрон што ги поттикнал инвеститорите да дојдат во Србија.

„Многу очекуваме во иднина, но пред сè, ви благодарам што дојдовте во Србија и уверен сум дека пријателството ќе ги достигне оние граници што ги имавме некогаш и за кои сум уверен дека можат да се вратат“, наведе Вучиќ.

По аеродромот, за претседателот на Франција пред Палатата Србија ќе биде приреден свечен дочек во присуство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а потоа ќе следува билатерална средба на двајцата претседатели.

Макрон и Вучиќ ќе присуствуваат и на церемонијата за размена на потпишаните билатерални документи, а потоа ќе дадат изјави за медиумите.

Во текот на попладнето, претседателот на Франција ќе оди да положи венци на Споменикот на бранителите на Белград 1914-1918 година, ќе положи цвеќе на гробот на Милунка Савиќ во Алејата на великаните, а предвидено е и да се обрати на граѓаните кај Споменикот на благодарност на Франција, на Калемегдан.

Вториот ден од посетата, предвиден е разговор на Макрон и Вучиќ со студентите од Регионалната канцеларија за соработка на младите (RYCO).

Последен пат, Жак Ширак, како претседател на Франција ја посети Србија во 2001 година.

Поради посетата на претседателот на Франција, сообраќајот во одредени делови во Белград ќе биде запрен, а делови од трасата по која ќе се движи се украсени со француски и српски знамиња.

Макрон требаше да ја посети Србија на почетокот на декември минатата година, но тогаш посетата беше одложена поради протестите на „Жолтите елеци“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.