Husamedin Gina
01 Март 2019•Ажурирај: 02 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Северна Македонија и вашите граѓани го заслужуваат почетокот на преговорите со Европската Унија“, нагласи денес претседавачот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Туне Келам, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред изјавата за медумите, претходно претставниците од Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент имаа средба во Владата со премиерот Зоран Заев и владината делегација.
Туне Келам истакна дека Северна Македонија треба да се фокусира врз националните цели и дека нема време да губи на политички разлики, затоа што и Владата и опозицијата се согласни дека европската интеграција на земјата треба да напредува.
„Само сакам да кажам дека Северна Македонија и вашите граѓани го заслужуваат почетокот на преговорите. Веќе имате сработено и постигнато многу за да започнете со преговори, иако сè уште, сега, во оваа фаза, не е јасно дали ќе има едногласна одлука на Европскиот совет, меѓутоа ние работиме во тој правец да се постигне едногласна одлука“, истакна Туне Келам, додавајќи дека од земјата ќе заминат со чувство за надеж дека Северна Македонија многу постигнала во последниот период во однос на вкупната состојба на застој на земјата.
Тој, исто така, нагласи дека задачата на земјата е да го зајакне националното единство, да ги поддржи реформите и да се сконцентрира на активностите кои се од суштинска важност за државата и дека не е време само да се слават успесите.
„Нас ни е потребна Северна Македонија како членка на ЕУ“, рече Келам, додавајќи дека приклучувањето на земјата кон ЕУ може да биде придонес за сите, со цел регионот да стане побезбеден, постабилен и попросперитетен.
Според Туне Келам, ако претседателските избори во земјата се одржат во клима на национално помирување, на правичен и транспарентен начин, тогаш тоа ќе биде дополнителен аргумент за да се даде поддршка на Северна Македонија.
Седумчлената делегација на ЕП за време на дводневниот престој во земјата имаше средби во Владата, Собранието, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор во земјата.