Elena Trenchevska Chekovic
30 Јуни 2026•Ажурирано: 30 Јуни 2026
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, присуствуваше на 67. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), кое се одржува денес и утре во Тбилиси, Грузија, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Собранието на РСМ, Гаши, на свеченото отворање на Генералното собрание се обратил пред делегациите на земјите членки на ПАБСЕК, истакнувајќи ја посветеноста на Северна Македонија кон регионалната соработка и евроатлантската интеграција.
Тој нагласи дека регионот на Црното Море претставува важен коридор за поврзување, трговија и меѓународни контакти, посочи дека регионот е богат со историја, култура и потенцијал, но истовремено се соочува и со предизвици што бараат заеднички пристап и солидарност. Според него, прашањата како економскиот развој, безбедноста, заштитата на животната средина и општествената кохезија зависат од силата на соработката и врските што се градат денес.
Гаши ја истакна важноста на инклузивноста и рамноправното учество во регионалниот дијалог, посочувајќи дека само преку сеопфатен пристап може да се постигне одржлив развој и општествена хармонија. Во таа насока ја потврди определбата на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, оценувајќи го членството во ЕУ и НАТО како стратегиски избор и пат кон зајакнување на безбедноста, суверенитетот и просперитетот.
Во своето обраќање Гаши истакна дека земјите од регионот, и покрај разликите, имаат заеднички интереси за мир, економски напредок и подобра иднина за граѓаните, особено за младите генерации.
Претседателот на македонското Собрание, покрај учеството на Генералното собрание на ПАБСЕК престојува и во официјална билатерална посета на Тбилиси, на покана на претседателот на Парламентот на Грузија. Во рамките на посетата се очекува размена на ставови за регионалната безбедност, парламентарната дипломатија и можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји.
Инаку ПАБСЕК е меѓународна парламентарна организација основана во 1993 година, со цел унапредување на соработката меѓу парламентите на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕК).