Fatjon Cuka
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
Седницата на Собранието на Албанија денес беше прекината неколкупати поради блокирањето на говорницата од страна на пратениците на опозициската Демократска партија (ПД), јавува Анадолу.
На денешната пленарна седница беше предвидено информирање од министерот за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, за процесот на преговорите за членство на земјата во Европската Унија (ЕУ), како и разгледување на неколку предлог-закони.
Откако претседателот на Собранието, Нико Пелеши, му даде збор на министерот Хоџа да говори за дневниот ред на седницата, пратениците од ПД ја блокираа говорницата, барајќи дополнително време и збор да му се даде на претседателот на Демократската партија, Сали Бериша.
Пратениците се вклучија и во дебати за протестите во Тирана што започнаа уште на почетокот на јуни.
Говорејќи на седницата, Бериша нагласи дека опозицијата не може нормално да ги продолжи парламентарните активности додека, според него, „стотици илјади граѓани веќе 18 дена протестираат барајќи заминување на премиерот Еди Рама и враќање на правната држава“.
„Продолжувањето со други прашања во овој Парламент без Еди Рама да дојде овде за да ја поднесе својата оставка или да се одржи интерпелација со дебата, е чин на предавство, но и цинизам кон албанските граѓани. Немате никакво право да игнорирате стотици илјади Албанци кои веќе 18 дена со знамето на слободата во рака, со знамето на законот и човековите права, на заштитата на културното наследство и животната средина, жртвуваат многу часови“, изјави Бериша.
За време на парламентарната седница неколку опозициски пратеници држеа транспаренти со поддршка на протестот.
Потсетуваме дека во Албанија продолжуваат протестите поврзани со туристичкиот проект во областа Звернец во округот Валона, против изградбите во заштитени подрачја и, според демонстрантите, против начинот на владеење во земјата, а за денес е најавен 19. протест.