Zlatan Kapic
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека ќе биде невозможно да се избегне глобална економска криза и предупреди дека нејзините последици веќе се видливи, јавува Анадолу.
„Ќе биде невозможно да се избегне економска криза во светот. Се плашам дека на глобално ниво ќе биде една од најтешките, можеби и најтешка во историјата, уште од периодот меѓу 1929 и 1933 година“, рече Вучиќ пред новинарите по свеченоста по повод Денот на одредот на воената полиција за специјални намени „Кобри“.
Тој додаде дека многу земји во моментов функционираат благодарение на претходно создадени резерви, а не врз основа на моментната економска реалност.
„Сите живееме врз основа на бафери и резерви што беа направени претходно, а не врз основа на она што денес е реалност. Прашање е уште колку ќе може да издржиме, но секако ќе биде сè потешко, покомплицирано и попроблематично“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател предупреди дека големите економски кризи често доведуваат до политички конфликти што може да ескалираат и во вооружени судири.
„Таквите кризи доведуваат до тоа никој никого повеќе да не го почитува, а потоа и до воени конфликти што избиваат со неверојатна леснотија на неодговорност низ светот“, рече тој.
Вучиќ нагласи дека Србија мора да продолжи со вложувањата во безбедноста и одбраната, истакнувајќи дека станува збор за воено неутрална земја опкружена со членки на НАТО или држави што се стремат кон членство.
„Мора да се грижиме за својата безбедност, за нашето небо и за нашите деца. Вложуваме многу, а тие пари се огромни“, рече тој, додавајќи дека интензивно се инвестира во воената инфраструктура и опремувањето.
Тој го најави и доаѓањето на официјални претставници од босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, меѓу кои Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ, со цел да разговараат за заеднички проекти и забрзување на соработката во претстојниот период.
„Сакаме да согледаме што сме направиле во претходните три-четири месеци и да забрзаме сè што е потребно бидејќи светот се наоѓа во исклучително турбулентен период“, заклучи Вучиќ.