Ali Kemal Zerenli
24 Април 2026•Ажурирај: 25 Април 2026
Во турската област Хатај 78-годишниот Мехмет Дагдаш, некогашен сметководител, денес испишува поинаква животна приказна. Гаражата во својот дом ја претворил во работилница, каде што заедно со сопругата ткае килими со остатоци од ткаенини, пишува Анадолу.
Мехмет Дагдаш, кој работел како сметководител во областа Пајас, се пензионирал во 1998 година.
Кај Дагдаш, чии пензионерски денови минувале во монотонија и без никаква дополнителна активност, во 2014 година, поттикнат од сопругата Фатма Дагдаш, која почнала да посетува курс за ткаење, се појавила желба да го научи овој занает.
Гледајќи ги ракотворбите на својата сопруга, која ја совладала суптилноста на занаетот и создавала дела од отпаден материјал, Дагдаш решил и тој да почне со тоа.
Учел од сопругата и секојдневно станувал сѐ подобар. Потоа гаражата во својот дом ја пренаменил во ателје каде што заедно со сопругата почнале отпадните ткаенини да ги враќаат во употреба.
Денес производите што ги создаваат заедно ги продаваат и остваруваат приход.
- „Со сопругата ги соединивме идеите и стигнавме до оваа точка” -
Мехмет Дагдаш за Анадолу изјави дека веќе 11 години со голема љубов се занимава со ткаење.
Раскажувајќи дека по пензионирањето имал премногу слободно време, тој вели: „Ми здодеа да одморам дома, немав навика да одам во кафулиња и затоа се насочив кон оваа работа.“
Дагдаш објаснува дека луѓето од околината им носат ткаенини што не ги користат, а тие во работилницата ги претвораат во прекрасни производи.
Нагласувајќи дека му причинува огромно задоволство што со сопругата придонесуваат за економијата преку рециклирање, тој додаде: „Откако почнавме заедно да произведуваме, повеќе се разбираме. Сфативме дека зборовите на другиот ни станаа повредни. Со сопругата ги соединивме идеите и стигнавме до оваа точка. Заедно го работиме ова, заедно се бориме и заедно се развиваме.“
Фатма Дагдаш (58) раскажа дека на курсот што го посетувала ги научила сите тајни на занаетот и станала мајстор-инструктор.
Отворени се курсеви за ткаење во соработка со Општина Пајас, како и со Центарот за јавно образование, каде што Фатма моментно им помага на оние што сакаат да го научат овој занает, а слободното време го минува работејќи со сопругот во нивното ателје.
Фатма вели дека водењето на овој бизнис со сопругот и заедничкото создавање прекрасни производи за неа е извор на среќа.