Hilal Uştuk
15 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Познатиот музичар и активист Јусуф Ислам, изјави дека Турција се грижи за три милиони сириски бегалци и дека слоганот на човековите права има многу поголемо значење и смисла во Турција отколку во Обединетите нации, јавува Anadolu Agency (AA).
Порано познат како Кет Стивенс, Јусуф Ислам, име што го зеде во 1977 година, кога го прифати исламот, а овие денови престојуваше во Истанбул поради промовирање на новото издание на книгата „Зошто ја оставив гитарата“ на турски јазик, во која говори за својот духовен пат и тоа како Кет Стивенс стана Јусуф Ислам.
Во интервју за АА, Јусуф Ислам вели дека во одреден период ја оставил гитарата, но дека повторно почнал да свири, но овој пат во многу поразлични околности и, како што рече, со многу повеќе смисла. Тој додаде дека луѓето генерално судат според она што го гледаат, и дека тој во сѐ трага по суштината.
Истакнувајќи дека неговиот живот значително му се променил со преминувањето во ислам, Јусуф Ислам изјави дека исламот е религија која го уредува секој сегмент од човечкиот живот, но исто така и го подготвува човекот за заминување на другиот свет.
„Прво се откажав од девојките и се оженив. Почнав да јадам халал храна. Бев вегетаријанец и повторно почнав да консумирам месо. Важно ми беше тоа што ги научив исламските обреди и значењето на Куранот. Престанав да лажам и да кажувам пцости и станав подобра личност“, рече Ислам.
Јусуф Ислам вели дека западните медиуми го бојкотирале по преминувањето во ислам и дека поради тоа луѓето на Западот не можеле да дознаат за убавината и позитивните промени што тој ги искусил во својот живот.
Осврнувајќи се и на новите проекти, Јусуф Ислам истакна дека работи на анимиран филм за деца, на нова книга, подготовки за турнеја во Австралија и во Јужноафриканската Република како и на снимањето на новиот албум „Insallah“, кој треба да биде објавен во септември.
„Во една песна користев стихови на познатиот турски поет и мистик Јунус Емре. Тоа се исклучително убави стихови. Клучните пораки во албумот ги насочив кон младите луѓе“, рече Јусуф Ислам.
Коментирајќи ја ситуацијата во Турција, тој вели дека тоа е држава која игра важна улога на меѓународната сцена, и земја која е наследник на најдолготрајното царство, Османлиското царство.
„Се разбира дека во Турција владее демократијата. Демократијата бара стабилност и спокојство. Не може демократијата да се одржи во ситуации како што се револуцијата или војната. Тоа е тешко. Мора да мислите и на други работи, а така е денес и на Запад. Демократијата во Америка, во Велика Британија и во Франција минуваат низ искушенија. Демократијата не е идеален систем, но е добра кога луѓето ќе ја прифатат. Тоа е како и во фудбалот во кој постојат прифатени правила дека победникот е оној кој дава повеќе голови, и на крајот никој не се лути. Така и во демократијата, ние мора да ги прифатиме последиците. Турција измина долг пат во последните години. Истанбул беше валкан, а улиците полни со ѓубре, а денес гледам зеленило и средена околина. Сликата е сѐ подобра и економијата е сѐ постабилна“, вели Јусуф Ислам.
Истакнувајќи дека Турција е добар пример за остатокот од исламскиот свет, тој рече дека е особено за пофалба тоа што Турција згрижи три милиони луѓе од Сирија.
„Ова е навистина голем успех и голем број. Западот во овој контекст не е дури ни блиску. САД прима само 40.000 сириски бегалци, а сето тоа само покажува дека слоганот на човековите права во Турција има поголемо значење и смисла отколку во Обединетите нации. Горд сум на тој факт“, порача Јусуф Ислам.