Mohammad Sıo
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Министерот за надворешни работи на Јемен денес предупреди дека евентуалната контрола врз стратегискиот теснец Баб ал-Мандеб, од страна на прокси сили поддржани од надворешни сили, би можело да претставува закана за глобалната безбедност, јавува Анадолу.
Во разговор за Анадолу, на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, Шаја ал-Зиндани изјави дека геостратегиската положба на Јемен го прави клучна алка за меѓународната поморска безбедност.
„Секое нарушување на безбедносната состојба директно ќе влијае врз регионалната стабилност, како и врз сигурноста на меѓународната пловидба и трговија“, изјави тој.
Зиндани предупреди дека неодамнешните регионални тензии дополнително ја нагласија важноста на Црвеното Море и позицијата на Јемен, кој доминира над Баб ал-Мандеб, нагласувајќи дека овој премин би можел да стане „закана за меѓународниот мир и безбедност доколку биде оставен во рацете на сили кои дејствуваат како прокси за други држави“.
Тој конкретно ги посочи Хусите, обвинувајќи ги за здружување со Иран со цел загрозување на поморските патишта.
„Слушнавме дека иранскиот режим неодамна се закани дека, по Ормускиот Теснец, ќе го затвори и Баб ал-Мандеб. Ова укажува на тоа дека тие можат да ги искористат Хусите како алатка за загрозување на теснецот и на Црвеното Море“, изјави тој.
Шефот на дипломатијата на Јемен, исто така, се осврна и на односите со Турција, кои ги опиша како „историски и братски”, притоа изразувајќи интерес за проширување на билатералната соработка во повеќе сектори.
„Турција застана покрај Јемен и неговиот народ во различни фази, и ние сме решени да отвориме нови полиња на соработка и да ги активираме постојните договори“, додаде тој.
Теснецот Баб ал-Мандеб се наоѓа на критична раскрсница меѓу континентите, одвојувајќи го Јемен на Арапскиот Полуостров од Џибути и Еритреја на Рогот на Африка.
Како рута која е темел на трговијата помеѓу Европа и Азија, низ овој теснец секојдневно транзитираат милиони барели нафта, течен природен гас и контејнерски товар, што го прави едно од најчувствителните поморски „тесни грла“ во светот.
Во март, јеменските Хуси, поддржани од Иран, сигнализираа дека Црвеното Море и Баб ал-Мандеб би можеле да бидат дополнително опфатени во конфликтот.
Повеќе од 3.300 луѓе загинаа во заедничките американско-израелски воздушни напади врз Иран од 28 февруари наваму. Со посредство на Пакистан е договорен двонеделен прекин на огнот меѓу Вашингтон и Техеран, кој стапи на сила на 8 април.
САД и Иран одржаа директни преговори во Пакистан на 11 и 12 април, со цел ставање крај на нивниот конфликт, но преговорите завршија без никаков договор. Американскиот претседател, Доналд Трамп, подоцна објави поморска блокада на Ормускиот Теснец, што стапи на сила во понеделникот во 14:00 по Гринич.