Mertkan Oruç
11 Ноември 2026•Ажурирано: 11 Ноември 2026
Узбекистан презема чекори за да го претвори своето минерално богатство, проценето на околу 3 билиони долари, вклучително и резервите на ретки земни елементи (РЗЕ), во производи со висока додадена вредност преку ново индустриско партнерство моделирано според турскиот систем на организирани индустриски зони, јавува Анадолу.
Операторот на индустриски зони со седиште во Анкара, ОСТИМ, неодамна потпиша договор со узбекистанскиот комплекс за технолошки метали (ТМК) за изработка и развој на планови за овие индустриски зони за преработка.
Во рамките на проектот наречен „Фјучр металс технопаркс“, завршени се подготовките на инфраструктурата на повеќе од 100 хектари земјиште во три региони.
Претседателот на ОСТИМ, Орхан Ајдин, изјави дека операторот ќе го поврзе узбекистанскиот ТМК со турската мрежа за високотехнолошко производство, обезбедувајќи директен пристап до турските институции кои во голема мера зависат од стратегиски материјали.
Проектот во Узбекистан се надоврзува на досегашното искуство на ОСТИМ во оваа централноазиска земја, каде што претходно обезбедил консултантски услуги, студии за изводливост и поддршка во изработката на законската рамка за технолошката индустриска зона во источниот град Охангарон.
Операторот е и главен реализатор на узбекистанско-турската организирана индустриска зона, што се гради во узбекистанскиот главен град Ташкент.
Објектот во Ташкент веќе привлече странски капитал и индустриска експертиза, обезбедувајќи директни инвестиции од турските компании ХЕКТАШ и ЕВЈАП.