Gökhan Yıldız
06 Јули 2026•Ажурирано: 06 Јули 2026
Повеќе од 40 земји, чиј комбиниран економски капацитет изнесува 70 билиони долари, ќе учествуваат на претстојниот самит на НАТО во Анкара. Овој собир ја потврдува централната улога на Турција во европската безбедносна и економска архитектура, истакна за Анадолу претседателот на Стопанската комора на Истанбул, Шекиб Авдагич.
Авдагич нагласи дека самитот, што ќе се одржи утре и задутре (вторник и среда), во Турција ќе ги собере лидерите од целиот свет.
Според него, зајакнатото глобално влијание на Турција се должи пред сѐ на напредокот на домашната одбранбена индустрија во изминатите две децении, што ќе биде претставено за време на еден од главните настани во рамките на самитот – Форумот за одбранбена индустрија на НАТО (NSDIF26), кој започнува во вторник.
„Овој водечки настан на НАТО во областа на трансатлантското производство, инвестиции и иновации во одбраната е од исклучително значење за Турција“, рече тој.
Авдагич истакна дека форумот го става екосистемот на турската одбранбена индустрија во средиштето на глобалната воена соработка, потсетувајќи на зборовите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека околу 3.000 турски одбранбени компании работат во рамките на Алијансата.
Тој посочи дека клучниот придонес на „Технопарк Истанбул“, основан во 2010 година во соработка со Агенцијата за одбранбена индустрија (SSB), е движечка сила на напредното одбранбено и технолошко производство во земјата.
„Стотици компании за истражување и развој и илјадници инженери ја градат сегашноста и иднината на турската одбранбена индустрија во овој технопарк, а ние ќе продолжиме да го поддржуваме секој сегмент од овој ланец во одбранбената индустрија“, додаде тој.