Berk Kutay Gökmen
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Турција се приклучи кон договорите Артемис на НАСА, станувајќи 71-ва земја што потпиша меѓународна рамка насочена кон промовирање мирно, транспарентно и кооперативно истражување на Месечината, Марс и пошироко, јавува Анадолу.
Турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир ги потпиша договорите во име на Турција на церемонијата одржана вчера во седиштето на НАСА во Вашингтон, чиј домаќин беше администраторот на НАСА, Џаред Ајзекман.
„За мене е привилегија да ја поздравам Република Турција како 71-ва потписничка на договорите Артемис“, изјави Ајзекман, според соопштението на НАСА во кое се истакнува растечката улога на Турција во истражувањето на вселената.
Договорите, воспоставени во 2020 година од НАСА, Стејт департментот на САД и седум основачки земји, ги утврдуваат принципите за меѓународна соработка во вселената, вклучително и мирно истражување, споделување научни податоци, обезбедување помош кога е потребно и заштита на историски значајните места и артефакти.
Потпишувањето од страна на Турција доаѓа во услови на зголемена активност во вселенската програма на земјата. Во 2024 година, Алпер Ѓезеравџи стана првиот турски астронаут, патувајќи до Меѓународната вселенска станица и спроведувајќи научни истражувања со астронаути на НАСА. Подоцна, Тува Атасевер леташе со вселенското летало „ВСС Јунити“ на „Вирџин галактик“, како дел од мисијата „Вирџин галактик 07“.
Турција, исто така, се подготвува да ја реализира својата прва лунарна мисија, АЈАП-1, со што се приклучува кон малата, но растечка група земји што развиваат и лансираат сопствени сателити кон Месечината.
Потпишувањето се случува пред Меѓународниот астронаутички конгрес, чиј домаќин во октомври ќе биде Турција, во градот Анталија. Се очекува на настанот да учествуваат десетици потписнички на договорите Артемис, кои ќе разговараат за иднината на мирното и транспарентно истражување на вселената.