Турција: Долината на рајот и пеколот на посетителите им нуди доживување на сите годишни времиња одеднаш
- Долината, која се наоѓа помеѓу центарот на Хакари и округот Јуксекова, опкружена со стрмни карпи и високи планински масиви, ги крие најубавите дарови на природата – бистри речни текови и пасиштата со прекрасни цвеќиња
Sayim Harmancı
25 Јуни 2026•Ажурирано: 27 Јуни 2026
photo: Saim Harmancı / AA
ХАКАРИ
Долината на рајот и пеколот (Џенет Џехенем) во турската област Хакари, каде што на едната страна се издигнуваат огромни снежни наноси и глечери високи неколку метри, а на другата страна цветаат цветови, на посетителите им нуди ретка можност одеднаш да ги доживеат убавините на различните годишни времиња, пишува Анадолу.
Долината, која се наоѓа помеѓу центарот на Хакари и округот Јуксекова, опкружена со стрмни карпи и високи планински масиви, ги крие најубавите дарови на природата – бистри речни текови и пасиштата со прекрасни цвеќиња.
Оваа долина, во која се издигнува и врвот Улудорук на планината Џило (висок 4.135 метри), која со претседателски декрет пред 6 години беше прогласена за национален парк, со природните убавини и пешачките патеки се издвојува како едно од најомилените места за вљубениците во природата и спортистите.
Фотографија : Saim Harmancı/AA
Деновиве овие висорамнини пречекуваат голем број посетители што доаѓаат организирано преку спортски клубови, здруженија и туристички агенции. Таму ги пречекуваат снежни планински врвови, потоци настанати од топењето на мразот, како и разнобојни цвеќиња што никнале на пределите каде што се прелеваат сите нијанси на зеленилото.
По пешачење од околу два часа, посетителите стигнуваат до подрачјето каде што се наоѓаат дебелите снежни наноси, ледничкото езеро и глечерите. На тој начин тие имаат можност со свои очи да ги видат убавините што со години останале скриени, но и да уживаат во чистиот воздух и спокојот, споени во едно со недопрената природа.
- „Хакари е еден од најубавите предели што допрва чекаат да бидат откриени“ -
Сердар Мурат, еден од спортистите што дошле од Ван со својот клуб за да трчаат низ долината, за дописникот на Анадолу вели дека луѓето најчесто доаѓаат за планински прошетки и планинарење.
Напоменувајќи дека во долината пристигнала и група мотоциклисти од Хатај, Мурат рече:
„Луѓе од сите краишта на Турција доаѓаат да го посетат ова чудо на природата. По една патека долга околу 3,5 километри пред вас се појавуваат глечери и водопади. Тука се наоѓа вториот по висина врв во цела Турција. Ова е прекрасно место, недопрено од човечка рака. Во зима, поради длабокиот снег, патот дотука е затворен, но во овој период местото е совршено за кампување. Дојдовме како група, околу 20 пријатели, за да трчаме. Оваа област нуди извонредни услови за мотоциклизам, пешачење, кампување, алпинизам и многу други спортски активности. Хакари навистина е една од најубавите географски области што со сета своја магија чекаат да бидат откриени.“
Фотографија : Saim Harmancı/AA
Ерол Ајдин, кој дошол од Англија, вели дека го посетиле градот со цел лично да ги видат овие природни убавини. Споделувајќи колку се фасцинирани од оваа географија, каде што имале можност да видат многу различни природни чуда на едно место, Ајдин рече:
„Стигнавме до падините на Улудорук, познат и како Решко. Горе имаше глечер, се искачивме дотаму. Ова е величествено место што едноставно мора да се види. Премногу сме среќни и благословени што сме тука. За жал, забележливо е глобалното затоплување во природата, а тоа затоплување ги топи глечерите. Исто така, тука забележавме и фрлен отпад. Оваа ситуација многу ги вознемирува луѓето. Ве молиме, да го собираме ѓубрето и да го фрламе на местата предвидени за тоа“.
Неговата сопруга Зејнеп Ајдин вели дека овој регион е вистинско чудо на природата: „Премногу сум среќна што го видов ова место. Како одеднаш да ги доживеавме сите четири годишни времиња. На местото каде што стоиме температурата е пријатна и нормална, но горе сè е покриено со мраз. На сите им порачувам – задолжително дојдете.“
Мехмет Шеп, кој пристигнал со мотоцикл од Хатај, додаде: „Регионот, едноставно, е прекрасен. Сè е покриено со зеленило. Реките се преубави. Слободно може да кажам дека ги доживеавме четирите годишни времиња во ист момент. Од едната страна гледате снег, а веднаш до него никнале прекрасни цвеќиња.“