Merve Berker
29 Октомври 2024•Ажурирај: 30 Октомври 2024
АНКАРА (АА) – „Чекорите преземени од Израел против активностите на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) очигледно го прекршуваат меѓународното право“, соопшти денес турското Министерство за надворешни работи, јавува Анадолу.
„Со таргетирањето на УНРВА, Израел има цел да го уништи решението за две држави и да го спречи враќањето на палестинските бегалци во нивната татковина“, се вели во соопштението на Министерството.
„Од 1949 година УНРВА им даде значајна помош на милиони палестински бегалци, а нејзините активности се клучни за регионалната стабилност“, се вели во соопштението во кое се нагласува: „Законска и морална обврска на меѓународната заедница е да заземе силен став против обидите за забрана на УНРВА, која беше основана со резолуција на Генералното собрание на ОН.“
„Како претседавач со Работната група за финансирање на УНРВА, Туркије ќе продолжи да обезбедува политичка и финансиска поддршка на Агенцијата“, нагласи Министерството.
Израел ги обвини вработените во УНРВА за соучесништво во прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври 2023 година, тврдејќи дека образовните програми на агенцијата „промовираат тероризам и омраза“.
Претходно израелскиот Кнесет донесе закон со кој се забранува УНРВА да работи во земјата, што може да влијае врз нејзината работа во Газа.
„Пленумот на Кнесетот синоќа во своето второ и трето читање го одобри законот за прекинување на официјалните врски и запирање на активноста на УНРВА, чии оператори се осомничени за учество во масакрите (од страна на палестинската група Хамас) на 7 октомври (минатата година)“, се вели во извештајот на израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“.
Гласовите покажаа дека 92 од 120 пратеници во Кнесетот се за забрана, а 10 се против.
УНРВА, со седиште во населбата Шеик Џара во источен Ерусалим, ги негира обвинувањата и тврди дека останува неутрална, фокусирајќи се само на поддршката на бегалците.
Агенцијата е основана со резолуција на Генералното собрание на ОН во 1949 година, со задача да обезбедува помош и заштита на палестинските бегалци.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бара итен прекин на огнот, Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа од октомври минатата година.
Оттогаш во израелските бомбардирања и гранатирања се убиени повеќе од 43.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 101.100 се ранети.
Израелскиот напад предизвика раселување на речиси целото население на територијата на Појасот Газа, а блокадата доведе до недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.