Esra Tekin
03 Ноември 2026•Ажурирано: 03 Ноември 2026
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Сеул беше пречекан со свечена церемонија од страна на јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг, јавува Анадолу.
По пристигнувањето во Претседателската палата, Ердоган и првата дама на Турција, Емине Ердоган, беа пречекани од претседателот Ли и неговата сопруга.
Потоа, Ердоган и Ли меѓусебно ги претставија членовите на своите делегации.
По завршувањето на церемонијата, двајцата лидери продолжија со тет-а-тет средба.
На церемонијата присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер, директорот за комуникации Бурханетин Дуран, како и други официјални претставници.
Ердоган ја посочи Јужна Кореја како потенцијален клучен партнер за втората нуклеарна централа што Турција планира да ја изгради во Синоп, на брегот на Црното Море.
Во интервју за новинската агенција „Јонхап“ пред посетата, Ердоган изјави дека целта на посетата е зајакнување на политичкиот дијалог и заживување на економските врски меѓу двете земји.
„На Република Кореја гледаме како на соработник со голем потенцијал во оваа иницијатива“, рече Ердоган.
Како што истакна Дуран, двајцата претседатели треба да разговараат за сите аспекти на стратегиското партнерство меѓу Анкара и Сеул, како и за актуелните регионални и глобални прашања.
Тој додаде дека за време на посетата, што ќе трае до утре (4 ноември), се очекува да бидат потпишани и различни документи насочени кон зајакнување на правната рамка на билатералните односи.