Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, во пресрет на самитот на НАТО во Анкара, ја опиша Турција како силен и стратегиски сојузник со централна улога во Алијансата, истакнувајќи ги нејзината одбранбена индустрија, воените капацитети и геополитичката позиција.
Во разговор за Анадолу во седиштето на НАТО во Брисел, пред 36. самит на НАТО што ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара, чиј домаќин е Турција, Каво Драгоне ја опиша земјата како еден од клучните столбови на Алијансата.
„Турција е силен сојузник. Ја има втората по големина армија во Алијансата и, секако, тоа е сила. Но, важна е и нејзината позиција. Географски и воено, точно во средината на Црното Море, Медитеранот и Блискиот Исток, Турција веќе врши одлична работа“, рече тој.
Потсетувајќи на неодамнешната посета на капацитетите на турската одбранбена индустрија, Каво Драгоне ја пофали способноста на земјата за производство во одбранбениот сектор.
„Имав можност да ги посетам капацитетите на одбранбената индустрија и навистина сум импресиониран. Тоа е нешто што остави силен впечаток кај мене“, рече тој.
„Турција е силен сојузник и од моја гледна точка ќе биде уште посилна. Турција, исто така, ќе постави пример што другите земји ќе го следат, бидејќи во поглед на инвестициите во индустријата, брзината и способноста за испорака, тие навистина се на врвот. Географски, Турција е на работ на Алијансата, но за многу силни и важни прашања, таа е токму во центарот. Сметаме на нив и среќни сме што ги имаме како сојузници.“
Каво Драгоне посочи дека безбедносните грижи на Турција треба и понатаму да се решаваат врз основа на довербата меѓу сојузниците.
„Верувам дека довербата е фундаменталниот елемент меѓу сите земји членки. Ако продолжиме да ја негуваме оваа меѓусебна доверба, таа ќе остане клучниот столб на целата Алијанса. Бројката 32 не е само статистички податок, туку претставува многу повеќе доколку навистина го искористиме тој потенцијал“, рече тој.
- „НАТО сега е посилен и поодлучен“ -
Каво Драгоне истакна дека Алијансата стана посилна и поодлучна откако ја презеде функцијата во јануари 2025 година.
„Потврдувам дека тоа беше мојот прв впечаток. Сега веќе сме во движење. Ако тогаш само се 'будевме', сега веќе сме застанати на нозе и чекориме. Можеме да дискутираме за темпото, но важно е дека се движиме во вистинската насока“, истакна тој.
Каво Драгоне наведе дека сите сојузници ги препознаваат актуелните безбедносни закани, што поттикна заложби за зголемување на издвојувањата за одбрана на минатогодишниот самит во Хаг. Тој додаде дека приоритет сега е тие ветувања да се претворат во реалност.
„Минатата година се обврзавме на зголемени инвестиции и сега, покрај самите ветувања, очекуваме и нивна конкретна реализација. Сметам дека тоа е правилниот пристап. Дали ја постигнавме целта? Сè уште не. Сè уште имаме работа, но мислам дека се движиме во вистинската насока. НАТО сега е посилен, поодлучен и тоа е Алијансата што ни треба денес“, рече тој.
Осврнувајќи се на разликите меѓу 32-те членки на Алијансата, Каво Драгоне рече дека несогласувањата може да го забават донесувањето одлуки, но на крајот го зајакнуваат консензусот.
„Алијансата е формирана од 32 демократии и постојат одредени разлики, но тоа е нормално. Би рекол дека тие се додадена вредност за постигнување консензус, за разговор, за дискусија и доаѓање до заедничка точка“, рече тој.
Додаде дека меѓусебната доверба меѓу сојузниците продолжува да расте и останува негов највисок приоритет како претседавач на Воениот комитет.
Разликите меѓу нас се занемарливи во споредба со придобивките што произлегуваат од заедничкото планирање, соработката и меѓусебната доверба, која постојано се надградува. Кохезијата останува мојот најголем предизвик. Тоа е процес што бара постојано внимание и посветеност, но верувам дека успешно се справуваме со него“, истакна тој.
- Фокус на „опипливи резултати“ -
Од воен аспект, Каво Драгоне рече дека очекува самитот во Анкара да се фокусира на постигнување опипливи резултати наместо на издавање декларации.
„Од воен аспект, ние сме повеќе ориентирани кон факти отколку кон декларации. Декларациите се лесни, но она што нам ни е потребно се факти и резултати на терен. Нашето најголемо очекување е реализацијата. Веќе ги имаме преземените обврски и ветувања од самитот во Хаг, а сега е време да почнеме со нивна реализација“, истакна тој.
Тој, исто така, повика на континуирана поддршка за Украина.
„Очекувам уште посилна посветеност кон Украина, со што ќе потврдиме дека ќе бидеме со неа онолку долго колку што е потребно. Исто така, очекуваме од индустријата да го задржи сегашниот позитивен напредок и максимално да го искористи за постигнување на нашите цели“, истакна тој.
Коментирајќи ја можноста за намалување на американскиот воен придонес во Европа, Каво Драгоне рече дека европските сојузници се способни да ги пополнат евентуалните празнини, иако процесот ќе одземе време.
„Пред сè, станува збор за нешто што одамна требаше да се случи. Од моја гледна точка, нерамнотежата беше очигледна уште пред една година, и ние веќе работиме на редефинирање на нашата стратегија. Се обврзавме на поголеми вложувања во структурата на НАТО. Секако, за одредени работи е потребно време и ништо не се постигнува преку ноќ, но искрено верувам дека сме способни да го направиме тоа“, истакна тој.
Рече дека неодамнешниот напредок во инвестициите во одбраната и сè поголемата подготвеност на Европа да преземе поголема одговорност за заштита на сопствената територија треба да продолжат.
„Веќе се преземени конкретни чекори и активности во однос на инвестициите, како и во преземањето поголема одговорност за одбраната на сопствената територија. Сметам дека сме на добар пат, а уверен сум дека самитот во Анкара ќе придонесе за уште поцврста посветеност од страна на земјите членки“, додаде тој.