Özlem Limon
09 Јули 2026•Ажурирано: 09 Јули 2026
Менито за официјалната гала-вечера организирана во чест на лидерите во рамките на 36. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО, одржан во Претседателскиот комплекс на Турција, го подготви готвачот со две Мишелин ѕвезди, Фатих Тутак, јавува Анадолу.
Според соопштението објавено по тој повод, на гала-вечерата, организирана под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, присуствуваа лидерите на 32 земји членки на НАТО, поканетите шефови на држави и високи делегации.
Тутак, кој претставувањето на турската кујна на меѓународно ниво го поставил во центарот на својата кариера, на официјалната гала-вечера на 36. Самит на лидерите на НАТО го претстави гастрономското наследство на Турција пред светските лидери.
Тутак, чии ставови беа вклучени во соопштението, во оцената за гала-вечерата го наведе следново:
„За нас беше голема чест да ја претставиме турската кујна на една ваква посебна трпеза. Со ова мени сакавме на современ начин да ги раскажеме производите што доаѓаат од различни региони на Турција, трудот на производителите и нашата кулинарска меморија. За нас беше многу вредно да бидеме дел од оваа важна средба чиј домаќин е Турција.“
На лидерите, меѓу кои беа претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Џ. Трамп; претседателот на Франција, Емануел Макрон; германскиот канцелар Фридрих Мерц; премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер и премиерката на Италија, Џорџа Мелони, им беше понудено специјално гала-мени што го одразува богатото наследство на турската кујна.
Понуденото мени ја стави во центар регионалната разновидност на производите од Анадолија, соработките воспоставени со локалните производители и богатата турска кујна. Традиционалните турски вкусови беа повторно интерпретирани со современи техники и елегантни презентации и им беа послужени на гостите.
Менито, создадено по процес на подготовка што траеше неколку недели, го обедини карактерот на традиционалната турска кујна со современ технички пристап. Тутак, кој лично ја водеше секоја фаза, од изборот на производите до концептот на чиниите, го подготви менито во согласност со принципите на сезонското, локално производство и одржливост.
Значителен дел од производите користени во менито беа набавени од производители од различни региони на Турција. На тој начин, гала-вечерата, надминувајќи ја улогата на обично официјално мени за прием, се претвори во гастрономска приказна што ја претставува разновидноста на производите на Турција, кулинарската култура и трудот на производителите.
На менито беа вклучени пиде подготвено во камена печка, трабзонски путер и мед од Хизан, зеленчук со маслиново масло и запечен јогурт од Денизли, морски бас и тарама, артичока со мастика од Урла и лозов лист од Токат, булгур со печурка смрчак, тандир од говедски ребра, запечен трабзонски путер и модар патлиџан, мантија со чаден доматен концентрат од Ајаш, „милк баклава“, пена од антепски ф’стаци и сладолед од Мараш со бергамот.