Турција

Осум младенчиња неразделки закрепнуваат откако беа спасени од нелегална продажба во Анталија

- По извршените прегледи во ветеринарната клиника на паркот, младенчињата се ставени во карантин.

Selçuk Uysal  | 25.12.2025 - Обновена : 25.12.2025
Осум младенчиња неразделки закрепнуваат откако беа спасени од нелегална продажба во Анталија Süleyman Elcin/AA

АНТАЛИЈА (АА) - Осум едномесечни младенчиња од видот неразделки, спасени откако биле понудени на продажба на нелегален пазар, покажуваат напредок во закрепнувањето во Анталија, град на турската ривиера, јавува Анадолу,

Папагалите се згрижени во Природниот парк за диви животни на Општина Анталија, каде што се чуваат под оптимални услови на светлина и температура. Тие се хранат со специјална формула на секои пет часа со шприц, а веќе почнале да им се појавуваат пердуви.

По извршените прегледи во ветеринарната клиника на паркот, младенчињата се ставени во карантин. По завршувањето на карантинскиот период и откако ќе достигнат зрелост, тие ќе бидат пуштени во специјално подготвен простор во рамки на паркот.

Ветеринарните служби во Природниот парк внимателно го следат имунолошкиот систем, однесувањето и развојот на папагалите, со цел да им се обезбеди здрав раст. Надлежните информираат дека во моментов младенчињата се во добра здравствена состојба.

Неразделките беа спасени откако полицијата во Анталија дозна дека различни видови од овие птици се продаваат нелегално и во несоодветни услови. Вкупно 24 неразделки, меѓу кои и осумте младенчиња, му беа предадени на Природниот парк за диви животни.

Природниот парк на Општина Анталија згрижува повеќе од 1.500 животни од околу 130 видови. Само во 2025 година речиси 200 животни – вклучително и змии, мајмуни и разни видови птици – беа ставени под заштита во паркот.

Неразделките се мали, шарени папагали со потекло од Африка. Тие живеат во јата во савани, шумски предели и во близина на водни извори. Повеќето видови не се преселници и се движат локално, најчесто во потрага по вода.

Поради приврзаноста и силната врска меѓу паровите, неразделките се популарни како миленици, но дел од видовите се соочуваат со закани од нелегално фаќање и шверц во други земји, како и од губење на природните живеалишта.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın