Harun Kutbe
20 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
АНКАРА
Мачката Мидас, која има четири уши, го привлекува вниманието на социјалните мрежи, известува Агенција Анадолија (АА).
Џанис Дошемeџи, сопственичката на мачката, во разговор со Агенција Анадолија (АА) изјави дека нејзините пријатели забележале во нејзиниот двор мачка со четири уши.
„Кога ја зедов во прегратка, тоа беше љубов на прв поглед. Се навикна на нас, а и ние на неа“, рече Дошемeџи.
Дошемeџи, информирајќи дека името на мачката ѝ го дала по Мида, кралот на Фригија, соопшти дека за мачката се грижи еден месец. Особен интерес за мачката покажуваат и соседите.
Дошемeџи му отворила на својот љубимец и профил на социјалните мрежи со цел да овозможи оваа посебна мачка да може да биде видена и од други луѓе, додавајќи дека профилот го следат голем број луѓе и од странство.
Таа на овој профил ги повикува луѓето да ги вдомат животните, наместо да ги купуваат. Нејзиниот сопруг Џенгиз Дошемeџи рече дека мачката многу добро се снаоѓа со нивниот пес Сузи.
„Песот Сузи и мачката Мидас многу добро се сложуваат. Сузи ја сака, а и таа неа“, изјави Џенгиз.
- „Оваа генетска мутација е многу ретка“
Ветеринарот Решат Нури Аслан рече дека многу се изненадил кога за првпат ја видел мачката и истакна дека станува збор за многу ретка генетска мутација.
Аслан посочи дека кај мачката коската на вилицата е малку повлечена наназад, што е причина јазикот на мачката постојано да е малку напред, но дека тоа не ѝ пречи на мачката при исхраната.
„Нејзината опашка исто така е малку пократка во однос на другите мачки. И тоа е резултат на генетската мутација. Верувам дека и структурата на мозокот е поинаква. Оваа мачка е посебна, дури и не мјаука многу гласно“, рече Аслан.
Ветеринарот појасни дека растот на мачката Мидас е еднаков како и на другите мачки и дека мачката е во добра здравствена состојба.